Србија

Граѓаните на Србија ги исполнија речиси сите капацитети во домашните ски-центри периодов, и покрај зголемениот број на позитивни случаи на ковид-19 во земјата, но и новите рестриктивни мерки од властите. Речиси нема слободно место на Копаоник, Златибор и Стара Планина на истокот од земјата. Српските медиуми информираат дека исполнетоста на скијачките центри и другите туристички центри во Србија е многу добра, а местата се пополнети до крајот на празниците.
Во меѓувреме, Србите во овој период исто така многу се заинтересирани да патуваат во земја или средина каде што не е потребен негативен ПЦР-тест или потврда за вакцинација, пред сѐ во Република Српска, односно Јахорина, која е атрактивна зимска дестинација.
Директорот на Националната асоцијација на туристички агенции (ЈУТА), Александар Сеничиќ, изјави дека српските граѓани во моментов можат да патуваат во Унгарија „без никакви проблеми“, додека во Италија не можат да одат како туристи, туку само на лекување или во случај на итна деловни обврски. Сепак, според него, најголем интерес меѓу домашното население има за скијачките центри во Франција, Австрија, Швајцарија и во Германија, но за да се влезе во тие земји е неопходна потврда за вакцинација.
– Она што е ново е дека бустерот се препознава ако е една од четирите вакцини признаени од ЕУ, иако првите две дози се на пример вакцините „Синофарм“ – рече Сеничиќ.
Тој посочи дека Србите исто така имаат голем интерес за зимување во Бугарија, потсетувајќи дека во таа земја може да се влезе со негативен ПЦР-тест или со потврда за вакцинација.