Илустрација / Фото: kosovopolice.com

Косовската полиција уапсила пет лица, од кои четворица од српска и еден од албанска националност, по престрелката што рано утрово се случила во северно Косово, во општина Зубин Поток, во близина на границата меѓу Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Заменикот директор на косовската полиција за северниот регион, Ветон Ељшани изјави за медиумите дека полициска единица наишла на три возила и едно комбе, за кои се претпоствува дека се користеле за шверц на стоки и при тоа во правец на полицијата бил отворен оган од огнено оружје.

Ељшани информира дека во претстрелката која настанала по нападот врз полицијата немало повредени, а дека покрај петмината уапсени во шверцерската група имало уште едно лице, по кое се трага.

– Денеска во раните утрински часови во околината на Зубин Поток (во селото Чечево), полицијата наиде на комбе и неколку возила за кои се верува дека шверцуваат стоки. При обидот да се запрат, дошло до претстрелка, во која нема ранети. Пет лица се уапсени, четворица Срби и еден Албанец, а по еден се трага. Запленети се комбе и три патнички возила. Во комбето се откриени шверцувани цигари. Настанот се случи околу три часот наутро – се вели во изјавата на Ељшани за медиумите.