УНЕСКО ја запиша српската шљивовица на Репрезентативната листа на светско нематеријално културно наследство, јави дописникот на МИА од Белград.
Шљивовица на таа листа е запишана под името „Социјални практики и знаења поврзани со подготовка и употреба на традиционалниот пијалок од сливи – Шљивовица“, како елемент на нематеријалното културно наследство на Србија.
Како што соопшти Министерството за култура, одлуката за регистрација ја донел Меѓувладиниот комитет за зачувување на нематеријалното културно наследство на 17-та седница одржана во Рабат, Мароко.
Во 2021 година, Министерството за култура ја номинираше Шљивовица за Репрезентативна листа на нематеријално културно наследство на човештвото, а номинацијата беше подготвена од Центарот за нематеријално културно наследство на Србија при Етнографскиот музеј во Белград, со учество на носители на наследството, локални заедници, институции и невладини организации, здруженија, а предлагачи се Етнографскиот музеј во Белград и Народниот музеј во Чачак.
Вклучувањето на знаењата и вештините потребни за подготовка на шљивовицата во домаќинствата и неговата употреба во секојдневната и обичајната практика на Репрезентативната листа на УНЕСКО значително придонесува за зголемување на видливоста на нематеријалното културно наследство на национално и локално ниво, како и на меѓународната промоција на „живото наследство“ на Србија, се наведува во соопштението.
-Номинацијата, која ги обединува културата на одгледување слива, традиционалните занаети, културата на исхраната и обичаите, како и печењето на шљивовицата и неговата употреба за време на приватни или јавни настани, ја одразува широката распространетост на елементот и најдобро покажува колку традиционалните вештини и практики може да се развиваат во модерно опкружување, зачувувајќи го неговото значење дури и во услови на развој на современото општество – се додава во соопштението.
Во него се потсетува дека елементи на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на УНЕСКО од Србија се и семејната слава (2014 година), коло – традиционално оро (2017 година), пеење со гусли (2018 година) и Злакуското грнчарство (2020 година).