Фото: Принтскрин

Претседателот на Србија Александар Вучиќ, изјави дека земјата се наоѓа во исклучително тешка политичка ситуација.

– Овој пат, се плашам, навистина не сме ние виновни, но поради геополитичката ситуација плаќаме висока цена – истакна Вучиќ.

Станува збор, вели тој, за целокупниот притисок поради нашата воена неутралност, поради нашиот однос кон конфликтот во Украина и ставот дека го осудуваме нападот на суверена земја, но не се приклучуваме кон санкциите.

Третата причина, посочи тој, е што западните земји чувствуваат голем притисок поради напредувањето на руските сили и можните идни политички пораки од Москва кои ќе се засноваат на она што често се нарекува „косовски преседан“.

Претседателот на Србија рече дека мирот им е приоритетен интерес, но и дека слободата е она без што Србија не може и со кое се гордее.

– Од доаѓањето на Албин Курти на власт имавме 494 етнички мотивирани напади, а пред тоа само 180 напади, што покажува дека бројот на напади е двојно зголемен откако Курти дојде на власт – рече Вучиќ.

Претседателот на Србија вели дека меѓународните претставници наводно и вовеле санкции на Приштина, но, како што вели, Приштина учествувала на апсолутно сите меѓународни форуми организирани од западните земји.

– Нема форум на кој Приштина не е поканета. Потоа ги казнија со визна либерализација, па со учество во Политичкиот совет на НАТО што е агресија врз нашата држава. Тие беа казнети со покренување иницијатива за прием во Советот на Европа, иако Косово не е држава не само за нас, туку и за петте земји-членки на ЕУ – посочи Вучиќ.

Претседателот на Србија рече дека на сите средби со големата петорка било повторено дека суштинска обврска на Приштина е да ја формира Заедницата на српски општини.

За укинувањето на динарот на Косово и Метохија, Вучиќ рече дека Србија не може и нема да ја прифати таа одлука.

Тој изјави дека Приштина бара од Србија да ја продаде филијалата на Поштанска Штединица во Косово на Рајфајзен банка или на некоја друга банка, бидејќи тие не сакаат српски банки на Косово и додаде дека тоа никогаш нема да го прифатат.

– Ќе продаваме филијали на нашата банка или идеални сопственички акции кога сакаме и како сакаме. Тие едноставно не се нормални. Тие ги поставуваат своите барања по пат. Тие ќе речат, тоа не е наше барање, и патем ако може да го прифатите. Не, ни патем, ни непатем ние не можеме и нема да прифатиме укинување на динарот – рече Вучиќ.

– Нема да не принудувате да прифатиме нешто затоа што сме многу добри и фини, затоа што ќе ни кажете – ќе ве тапкаме по рамо. Не тапкајте не повеќе по рамо. Доволно не излажавте и замајувавте. – изјави Вучиќ.