Грција
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис се соочува со сериозна политичка криза по обелоденувањето на аферата со следење и прислушување, која ја разоткрија грчки истражувачки новинари. Пред неколку месеци излезе на виделина дека грчкиот новинар Танасис Кукакис бил телефонски прислушуван, на неговиот телефон подоцна беше откриен шпионскиот софтвер „Предатор“. Владата отфрлаше секаква одговорност, сѐ до минатата недела, кога од затворена седница во Атина во јавноста протекоа информации што потврдуваат дека тајната служба навистина го следела новинарот. Неовластено бил следен и Никос Андрулакис, шефот на Пасок, третата по големина партија во земјата, и член на Европарламентот. Се дозна дека е направен обид за инсталирање на „Предатор“ на неговиот мобилен телефон. Политичарот не кликнал на линкот со кој би се активирал софтверот, туку се обратил до службата за сајбер-безбедност на Европскиот парламент.
Андрулакис побара одговор од грчката влада и така дозна дека тајната служба го прислушувала неговиот телефон во времето кога тој се кандидирал за претседател на неговата партија. Како што извести весникот „Катимерини“, шефот на тајната служба Панајотис Контолеон изјавил дека украинската и ерменската тајна служба го побарале следењето. Амбасадите на двете земји категорично го демантираа тврдењето со свои писмени соопштенија.
Во петокот оставки поднесоа двајца познати личности од директното опкружување на Мицотакис: Григорис Димитрадис, раководител на бирото на премиерот Мицотакис, и негова десна рака, кој инаку му е внук. Кратко потоа оставка поднесе и шефот на тајната служба.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис ѝ соопшти на нацијата дека не знаел за прислушувањето на телефонот на лидерот на социјалистичката партија Никос Андрулакис од страна на разузнавачката служба на земјата во 2021 година, што предизвика политичка бура.
– Она што се случи можеби беше законски, но беше грешка. Не знаев и очигледно никогаш немаше да го дозволам тоа – рече Мицотакис во телевизиското обраќање.
Новинарката Елиза Триантафилу, која исто така беше вклучена во разоткривањата на скандалот, критикува што премиерот во неговото обраќање со ниеден збор не го спомна нејзиниот колега Танасис Кукакис.
Меѓународни организации одамна со загриженост го следат развојот во Грција во поглед на слободата на медиумите. На индексот на слобода на печатот на „Репортери без граници“, Грција „се лизна“ за цели 38 места и заврши на 108-та позиција од 180 држави, со што стана европски „фенерџија“. Џејми Вајсман, референт во Интернационалниот институт за печат (ИПИ) го критикува односот на официјална Атина кон сегашниот скандал: „Најдлабоко жалиме што премиерот Мицотакис во своето обраќање не го спомена прислушувањето на Танасис Кукакис. Ова е еден од најсериозните случаи на следење новинар во ЕУ во последните години. Случајот го карактеризираат недоволна транспарентност и обврска да биде истражен.“