Тројца повредени во училиштето „Владислав Рибникар“ и шестмина од Младеновац се на лекување во Ургентниот центар. Директорот на Универзитетскиот клинички центар на Србија, Милика Ашанин за РТС вели дека меѓу повредените по масовното убиство во Младеновац двајца се во тешка состојба, а еден ученик по пукањето во училиштето „Владислав Рибникар“. Повреденото девојче кое е сместено во Детската клиника се уште е во животна опасност, изјави тој.
Посочува дека меѓу повредените во Младеновац двајца се во тешка состојба, јавува РТС.
-Тоа е пациентка со тешка повреда на црниот дроб, дуоденумот и десниот бубрег. Оперирана е, и е целосно свесна, но сепак е во многу тешка состојба. Друга пациентка, која има тешка повреда на главата и е со повреда на левото око, чека интервенција за два-три дена. А за неа можам да кажам дека е целосно свесна, дека сама дише и комуницира – вели Ашанин.
Кога станува збор за повредените во училиштето „Владислав Рибникар“, Ашанин вели дека од тројцата кои се лекуваат, еден ученик е во тешка состојба.
-Тоа е пациент кој беше многу критичен од почетокот, со тешки повреди на градниот кош, вратот и рбетот – додава Ашанин.
Тој наведува дека повредениот ученик е многу подобро.
-Имаше интервенција од ортопед, микрохирург, операција на двете подлактици – нагласува Ашанин.
Додава дека и наставничката е во доста стабилна состојба.
Посочува дека интензивно ги следат сите повредени, како и дека се планираат одредени контролни снимања и дека ги следат ефектите од извршените интервенции.
-Единствено што планираме во наредните денови е неврохируршка операција на пациентот кој има повреда на главата – вели Ашанин.
Дополнително, додава тој, еден пациент кој имал повреди на урогениталната регија во наредните денови ќе биде префрлен од интензивна нега на одделение.