Хрватска

Многу вработени во Хрватска се принудени да бараат дополнителни извори на приходи, односно дополнителна работа, поради високата инфлација и големиот пораст на цените на храната. Во анкетата што била спроведена од порталот „Моја работа“ дури 67 отсто од испитаниците се изјасниле дека бараат дополнителна работа или размислуваат за тоа бидејќи нивната сегашна плата не е доволна за покривање на трошоците за живеење, кои постојано се зголемуваат.
Според последните податоци објавени од државната статистика, годишната стапка на инфлација во Хрватска во септември изнесувала 6,7 отсто. Со крајот на туристичката сезона и почетокот на есента, инфлациската динамика забави, но цените на храната продолжуваат да растат значително побрзо од инфлацискиот просек.
Националното биро за статистика објави дека цените на храната и на безалкохолните пијалаци во септември биле за 10,4 отсто повисоки во однос на септември лани.
Најновите достапни податоци на Евростат за 2021 година покажуваат дека просечното хрватско домаќинство потрошило речиси една петтина од вкупната потрошувачка на храна и пијалаци.
Во Европската Унија, Хрватска е само маргинално подобро пласирана од Романија, Литванија, Бугарија, Летонија и Естонија.
Просечната нето-плата во Хрватска во јули изнесува 1.141 евро и е номинално повисока за 13,7 отсто во однос на јули минатата година. Реалниот раст беше значително помал и изнесуваше само 5,7 отсто.
Зголемувањето на платите е пред сѐ последица на недостигот од работна сила во низа сектори на хрватската економија – од трговијата, преку туризмот и угостителството, до градежништвото и шпедицијата. Просечната медијална нето-плата во Хрватска во јули изнесувала 984 евра.