Фото: принтскрин/ РТС Вести

Косовската полиција изведе утрово рација на пет локации во три општини во северно Косово, во врска со случајот со нападот врз полицијата во Бањска кај Звечане, јави дописникот на МИА од Приштина.

Веста за косовските медиуми ја потврди заменик директорот на полицијата за северниот регион, Ветон Елшани.

– Претресот на петте локации е завршен. За други детали подоцна ќе излеземе со соопштение – рече Елшани.

Полицијата упаднала во ресторанот „Греј“, за кој се претпоставува дека е сопственост на Ема Радојичиќ, сопругата на потпретседателот на Српската листа, Милан Радојичиќ, кој е еден од осомничените како водач на групата која го изврши нападот во Бањска на 24 септември.

Косовскиот портал на српски јазик, „Коссев“ јави дека од гаражата на локал се одземени неколку автомобили, од кои два со белградски, а еден без регистерски таблички.

Според тамошните медиуми, во рацете на полицајците биле забележани хартиени кеси чија содржина не е позната.