Фото: Принт-скрин

Со скандирања „ова не е Москва“ и „оставка“ почна протестот пред владината зграда во Бугарија поради преговорите на техничката влада за обновување на испораките од рускиот енергетски гигант „Газпром“.

Демонстрациите го блокираа главниот влез на владата, а полициското присуство таму е зголемено.

– „Газпром“ не е комерцијална компанија. Ова е оружје во рацете на Путин против Украина и демократскиот свет, систем на рекетирање, манипулации, изнудувања, уцени и во никој случај Бугарија не треба да се врати на овој начин на зависност. Има доволно други можности и алтернативи за вистинска диверзификација, кои, сепак, намерно се саботираат од официјалниот кабинет и по три недели протестирање и несогласување, најавуваме деноноќна блокада на централниот влез на Владата – изјавија организаторите за БНР.

Демонстрантите бараат оставка од вршителот на должноста министер за енергетика на Бугарија, Росен Христов, јави дописникот на МИА од Софија.

Претседателот на БОЕЦ, Георги Георгиев најави дека блокадата ќе продолжи до доцна во ноќта и ги предупреди полицајците, кои ја чуваат зградата на бугарската Влада да не се обидуваат да ја отстранат, бидејќи ќе преземат сериозни мерки.

– Наместо сегашната Влада на Бугарија да ги преземе сите неопходни активности за да може нивната земја да ги реализира другите алтернативи, таа ја внесува земјата во убиствената прегратка на „Газпром“ – нагласи Георгиев.

Демонстрантите скандираа и „Радев надвор“.