Пожар од големи размери го зафати просторот над Црвени Плажи, меѓу Бар и Сутоморе. Еден пожарникар е повреден. Полицијата во Херцег Нови уапси деветнаесетгодишно момче поради сомнение дека подметнало десет пожари на територијата на таа општина

Земјите од регионот зафатени со пожари

Службите на противпожарна заштита на Црна Гора во изминатото деноноќие учествуваа во гаснење неколку пожари на црногорското приморје. Пожар од големи размери го зафати просторот над Црвени Плажи, меѓу Бар и Сутоморе. Еден пожарникар е повреден, но не е во животна опасност. Неколку населени места останаа без струја. Пожарникарите интервенирале на гаснење на огновите кај Пераст, Чрвње, над Каменар и во Горњи Столив. Пожарот што го зафати локалитетот Црвени Плажи во Бар е ставен под контрола. Како што јави вчера ТВЦГ, воспоставен е патниот сообраќај, додека железничкиот сообраќај сѐ уште бил во прекин. Без електрична енергија сѐ уште се селата Витиќи и Перановиќи. Гаснењето на пожарот го отежнува ветерот, кој често го менува правецот, како и непристапниот терен.
– Ситуацијата во врска со пожарот е малку порелаксирана. Добра работа завршивме досега. Нема напуштање на теренот додека не завршиме. Огнот сѐ уште гори, но е под наша контрола. Набљудуваме, целиот персонал е на терен, нема опуштање ни за момент. Еден крак што се прошири на високо место ќе можеме да го изгаснеме само со помош на хеликоптери, кои ги очекуваме утрово. Дотогаш ќе биде вклучена сета расположлива механизација, а народот будно ќе следи и постапува – изјави заменик-командантот на Службата за заштита и спасување Ацо Вулевиќ.

Сообраќајот на потегот од Шушање до Сутоморе, кој во неколку наврати беше прекинат поради голем пожар во Зелен Појас, повторно е воспоставен и по неколкучасовен прекин, возилата повторно се движат на овој дел од Јадранската магистрала, иако сообраќајот се одвива наизменично по една коловозна лента.
Претседателот на Општина Бар, Душан Раичевиќ, изјави дека утрово се очекува помош од хеликоптерската единица на армијата на Црна Гора.
Полицијата во Херцег Нови уапси деветнаесетгодишно момче поради сомнение дека подметнало десет пожари на територијата на таа општина.
Голем шумски пожар во источниот дел на грчкиот остров Тасос е активен од прексиноќа, а вчераутро превентивно е евакуирано приморското село Кинира.
Пожарот е во планински непрооден дел, интервенираат 102 пожарникари, со пет пешадиски тима и 33 возила, шест авиони и шест хеликоптери, од кои еден е за координација, а помагаат и пожарникари волонтери, армијата, како и цистерни и возила од општините.

Поголемиот дел пожарникари на островот пристигнаа од северна Грција.
Преку бројот 112 за итни случаи беше испратена порака до жителите и оние што се наоѓаат во селото Кинира превентивно да се евакуираат кон Лименарија.