Фото: Твитер/Мирослав Лајчак

Специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак изјави дека по разговорот со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се надева оти преговорите се на добар пат и разговорите продолжуваат, пренесе Бета.

– По втората рунда разговори доцна синоќа, се надевам дека сме на добар пат. Го ценам искрениот напор на претседателот на Србија да се поддржи европско решение. Нашите разговори ќе продолжат – напиша Лајчак денеска на Твитер.

Американскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, денеска во Белград изрази уверување и надеж дека Србите на северот на Косово нема да видат промени во нивните животи на 1 септември, кога владата во Приштина ќе објави почеток на спроведувањето мерки на реципроцитет, јави Бета.

Ескобар утринава изјави дека неговата надеж е Србите на северот на Косово „суштински нема да станат гости во сопствената земја“, дека „тие ќе бидат признати како легитимни граѓани и на Србија и Косово“ и дека „ќе продолжат да живеат мирно“.Тој синоќа имаше разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ и со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак.

– Тоа е моето очекување и мојата надеж. Уверен сум дека тоа може да го постигнеме – изјави тој.

Ескобар додаде дека на секоја средба со косовските претставници во Приштина оваа недела, тој и Лајчак укажувале на неопходноста од спроведување на сите потпишани договори во бриселскиот дијалог.

– Мора да се спроведат сите елементи на дијалогот, вклучително и формирањето на Заедницата на српските општини. Ова е пораката што многу јасно и ја пренесовме на косовската влада оваа недела во Приштина и за време на неодамнешната посета на премиерот (Аљбин) Курти и претседателот (Вјоса) Османи во Вашингтон – додаде американскиот дипломат.

Ескобар рече дека „нема рокови“ за формирање на Заедницата на српските општини, но додаде дека САД очекуваат „многу наскоро за тоа да се разговара во рамките на дијалогот“.

– Тоа не значи дека мора да се постигне договор, туку дека треба да се разговара за ЗСО за можните модалитети на имплементација – порача Ескобар.

Тој неколкупати повтори дека САД не се дел од дијалогот, но силно го поддржуваат бидејќи „тие веруваат дека тоа е канал за постигнување сеопфатен договор за нормализација на односите што ќе ја отклучи европската иднина на двете земји“.

„Целта на моето доаѓање е да го поддржам дијалогот со посредство на ЕУ, со цел да се најде начин за предизвикувачките прашања за регистарските таблички и влезно-излезни документи “, рече Ескобар.

Според него, синоќешниот разговор со Вучиќ бил тежок „бидејќи двете страни треба да се согласат на многу компромиси“ и „бидејќи има голема разлика во ставовите меѓу учесниците во преговорите“.

Лајчак и специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар доцна синоќа разговараа со Вучиќ вторпат во текот на вчерашниот ден.

По неуспешните преговори во Брисел, Лајчак и Ескобар ги посетија Приштина и Белград во обид до 1 септември да се постигне договор за регистарски таблички и влезно – излезни документи.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се надева на компромисно решение во преговорите со Приштина во наредните денови, но дека „за (регистрациските) таблички и за некои крупни прашања такво решение воопшто не може да се постигне“, jави Бета.

– Ќе ги продолжиме разговорите и верувам дека во деновите што следуваат ќе успееме да постигнеме компромисно решение, барем за мал дел, бидејќи е јасно дека такво решение воопшто не може да се постигне во однос на таблиците и некои поголеми прашања – објави синоќа Вучиќ преку својот Инстаграм профил.

По неуспешните преговори во Брисел, специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак и заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, ги посетија Приштина и Белград во обид да постигнат договор до 1 септември меѓу Белград и Приштина за регистерските таблички и влезно-излезни документи.