Заедничката декларација од овогодишниот состанок на Процесот Брдо-Бриони веројатно нема да биде објавена денеска, бидејќи Босна и Херцеговина не сака да го прифати ставот на Хрватска за важноста на „легитимното претставување на конститутивните народи на сите нивоа на власт во БиХ“.
Домаќини на средбата во замокот Брдо кај Крањ беа словенечкиот претседател Борут Пахор и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, а пристигнаа и претседателите на сите шест земји од Западен Балкан, меѓу кои и тројца членови на Претседателството на БиХ.
– Легитимното претставување на конститутивните народи на сите нивоа на власт во БиХ е клучна за стабилноста на државата, како и за искрената посветеност на сите политички лидери на процесот на изборни реформи во целосна согласност со стандардите на ЕУ – требаше да биде наведено во завршниот документ.
Претставниците на БиХ не се согласија со таквата формулација, а Хрватска не сака да ја прифати декларацијата без неа.
– Овогодинешниот состанок на Процесот е можност да се разговара за актуелните состојби во регионот и за нов повик до членките и институциите на Европска Унија за забрзување на процесот на проширување – се наведува во најавата на настанот.
Србија и Црна Гора веќе преговараат со ЕУ, Албанија и Северна Македонија ги отворија преговорите во јули по долгогодишна стагнација, а Косово и Би Х сè уште чекаат кандидатски статус.
На средбата учествуваат и претседателот на Македонија Стево Пендаровски, шефот на албанската држава Бајрам Бегај, членовите на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ, Милорад Додик и Шефик Џаферовиќ, претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
За Пахор ова е последна средба од овој формат, која самиот ја иницираше, бидејќи Словенија ја чекаат претседателските избори во октомври.