Фото: Игор Бансколиев

Хрватска

Неработната недела во Хрватска се одрази и на прометот во туристичката сезона, а според податоците на Министерството за финансии, во јули и август годинава биле издадени 20 отсто помалку фискални сметки, во однос на истиот период лани. Во неделите, за време на главниот туристички шпиц, минатата година биле издадени 24,2 милиони единечни сметки со вкупен износ од 343,4 милиони куни. За оваа сезона, откако почна да се применува неработната недела, биле издадени 19,8 милиони сметки во вредност од 325,1 милиони куни. Но ова намалување од 18,6 отсто на помалку издадени фискални сметки се должи и на високата инфлација и големиот раст на цените на храната и на пијалаците во Хрватска, анализираат експертите. Најголема разлика во бројот на фискални сметки е забележан во првата недела од јули, кога биле издадени 24 отсто помалку сметки, а најголемото отстапување во висината на прометот има во првата недела од август.
Слободна недела е воведена за повеќето вработени во Европа и во земјите во регионот, како што се Македонија и Црна Гора. Од први јули годинава во Хрватска стапи во сила Законот за трговија, според кој, неделата се прогласува за неработна за вработените во трговијата, со исклучок на некои објекти. На трговците им се дава можност самите да одлучат кои 16 недели ќе ги прогласат за работни во текот на една календарска година. Работниците што ќе бидат ангажирани во овој ден од седмицата ќе добиваат 50 отсто повисока дневница. Исклучок за забрана на работа во недела се продажните објекти на железничките и на автобуските станици, на пристаништата и траектите, бензинските пумпи, хотелите, болниците, културните и верските институции и музеите.