Некои аналитичари во Црна Гора сметаат дека е најдобро случајот да се препушти на меѓународна арбитража, но неповолна околност е што овој процес може да трае со години, што може да го одложи и пристапниот процес кон Европската Унија

Црна Гора изложена на можно вето од Хрватска за членство во ЕУ

Разграничувањето со Хрватска е еден од условите за пристапувањето на Црна Гора на Европската Унија, а токму ова отворено прашање меѓу двете земји стои нерешено од распадот на поранешната југословенска заедница. Темата за разграничувањето била на дневен ред и на состанокот на хрватскиот и на црногорскиот претседател, Зоран Милановиќ и Јаков Милатовиќ, во Загреб. Хрватските медиуми, повикувајќи се на „тајни документи“ на Европската комисија, под името „Веродостојност на перспективите на проширување за Западен Балкан“, објавија дека Брисел не сака граничните проблеми да се внесат во ЕУ од новите членки, па затоа се предлага и решавање на границата со Хрватска во пределот на Превлака.
– И натаму постојат важни билатерални спорови меѓу државите во регионот. ЕУ нема да увезува спорови. Трајното решение треба да се пронајде пред државите да влезат во ЕУ – се наведува во документот на ЕК.
Просторот на полуостровот Превлака функционира врз основа на Привремената спогодба за Превлака, која е потпишана во 2002 година. Црногорците треба да го решат ова прашање до крајот на годинава, за да се приближат кон членство во ЕУ во наредните две години. Полуостровот Превлака или ’Рт Оштро, или како што се нарекува „Портата на Бока“, стана спорна гранична приказна во 1991 година. По воените судири, контролата над спорниот граничен појас на Превлака го преземаат набљудувачите на ОН до 2002 година. Во оваа година се потпишува Протоколот за привремен граничен режим. Со него Хрватска располага со копнен дел на полуостровот и морскиот појас на влезот во заливот Бока Которска од 550 метри, додека дел од акваториумот покрај левиот брег на полуостровот е прогласен за „ничие море“. Овој статус е задржан до денес.

Некои аналитичари во Црна Гора сметаат дека е најдобро случајот да се препушти на меѓународна арбитража, но неповолна околност е што овој процес може да трае со години, што може да го одложи и пристапниот процес кон ЕУ.
Комисијата за разграничување на Црна Гора и Хрватска последниот пат се состанала пред осум години. Европската комисија во последниот извештај за ЦГ, која е кандидат за членство во ЕУ, констатирала дека нема напредок во процесот на разграничување со Хрватска. Од Загреб се на ставот дека е потребно да се обнови работата на комисијата, соопштија од хрватската амбасада во Подгорица.
Професорката за европско право на Правниот факултет во Марибор, Јања Хојник, смета дека црногорските власти требаат повеќе да се посветат на ова прашање, предупредувајќи на можните пречки во процесот на пристапување во ЕУ.
– При процесот на влез на државите во ЕУ, постојната членка може да го искористи правото на вето на влезот на земјата-кандидат. Не затоа што државата-кандидат не ги исполнува условите за влез, туку за да постигне некои други цели, како што е решавање на граничниот спор. Хрватска може да ја притисне Црна Гора, ако таа не попушти, Загреб би можел да го блокира црногорското членство, бидејќи подоцна не ќе има многу опции за вето. Но тоа зависи од нивните политички одлуки и како тоа ќе им се одрази на дипломатскиот углед – вели Хојник, во разговор за Радио Слободна Европа.

Таа потсетува и на спорот меѓу Словенија и Хрватска, околу Пиранскиот Залив. Притоа Словенија блокираше многу преговарачки поглавја, а ги деблокира откако Хрватска се согласи на меѓународна арбитража. Како што нагласува професорката, Љубљана во случајот со блокадата на Загреб немаше меѓународна поддршка. Меѓународниот суд во 2017 година одлучи Словенија да добие коридор до меѓународните води преку хрватските територијални води и дел од Пиранскиот Залив, но Загреб не ја спроведува оваа одлука.
За хрватската страна можен предмет на арбитража би бил просторот на морето, додека за Црна Гора тоа е и границата на море и на копно. Од Амбасадата на Хрватска истакнуваат дека повеќе се залагаат за постигнување меѓународен договор наместо да се оди на меѓународна арбитража.
Превлака не е единствено нерешено прашање меѓу Црна Гора и Хрватска. Едно од нив е и школскиот брод „Јадран“. Ставот на Подгорица е дека бродот е во црногорска сопственост, но дека е отворена за дијалог. Министерството за надворешни работи на Хрватска неодамна упати протестна нота до Црна Гора, по повод прославата 90 години на бродот „Јадран“, со кој пловел и поранешниот југословенски претседател Јосип Броз Тито.