Фото: Пиксабеј

Криминалните кланови во пооследно време се почесто ангажираат ситни криминалци за реализација на злосторства. Тоа се претежно млади луѓе кои се зависници од наркотици, аматери кои не бираат време или место за криминал, ниту пак дали ќе има случајни жртви

Неодамнешното убиство на Црногорецот Горан Влаховиќ во Паг, Хрватска, за кое е осомничен Душко Танасковиќ од Крагуевац, Србија, уште еднаш покажа дека криминалните кланови се почесто ангажираат ситни криминалци за реализација на нивните планови. Тоа се претежно млади луѓе кои се зависници од наркотици, аматери кои не бираат време или место за криминал, ниту пак дали ќе има случајни жртви.

МЛАДОТО МОМЧЕ ГИ ИЗНЕНАДИ СИТЕ

Информацијата од хрватската полиција дека малку познатиот Душко Танасковиќ од Крагуевац е осомничен за убиството на човекот со подебело полициско досие, Горан Влаовиќ пред дискотека во Паг ги изненади само помалку упатените во случувањата на криминалната сцена на подрачјето на поранешна Југославија.

Со оглед на фактот дека станува збор за очигледно нарачана ликвидација, која била извршена во шест часот наутро пред значителен број сведоци, дури и со професионално оружје со пригушувач, многумина мислеле дека зад професионалната рака која пукала стои добро обучен платен убиец, кој има искуство насобрано од многубројните војни на овие простори. Но, осомничениот Танасковиќ целосно отстапува од овој опис. Тој на 28-годишна возраст е далеку од непознат за полицијата, како што пишуваат српските медиуми, но никогаш не одговарал за убиство или обид за убиство, па дури не бил ни поврзан со одредени криминални кланови.

Црногорската полиција официјално го поврзуваше Танасковиќ со убиството на припадникот на „шкаљарскиот“ клан Миња Шаковиќ во јуни годинава, поради што по него имаше дури и потерница од локалната полиција.

Во евиденцијата на Министерството за внатрешни работи на Србија, како што објавија српските медиуми, тој бил заведен како наркозависник, сторител на поголем број разбојништва и кражби за кои често бил апсен, а како малолетник бил во затвор неколку години. Тоа што тој е осомничен дека извршил убиство во Хрватска ги изненадило речиси сите негови познаници бидејќи, како што истакнуваат, „не се смета за криминалец од висок калибар“. Сепак, експертите не исклучуваат дека тој можел да биде ангажиран за оваа работа и без да ги знае сите информации за неговата цел.

БРОЈНИ СЛУЧАИ

Во последниве години, ангажирањето на непознат „стрелец“ стана речиси рецепт за криминалните кланови при организирање нарачани убиства.

Стефан Милашиновиќ (22) од Краљево е осомничен дека минатата година извршил две брутални ликвидации – едната во Крагуевац, а другата во Белград. Се сомнева дека овој млад човек, од претходно познат на органите на прогонот за ситни кривични дела, бил ангажиран како главен извршител на убиствата на Лука Жижиќ (37) од Белград и Никола Зечевиќ Зека (38) од Крагуевац. По чија наредба – сѐ уште не се знае.

Младото момче од Краљево и претходно имаше добиено кривична пријава за кражба, неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, тешки телесни повреди, загрозување на безбедноста, напад на службено лице при вршење на службена должност, неовластено користење туѓо возило, загрозување на јавниот сообраќај, а беше уапсен во мај оваа година. Сега се сомничи и за двојно убиство.

Слична е приказната и со Лазар Илиќ (24), исто така од Краљево, кој е осомничен за убиството на членот на бандата „Пинк пантер“, Александар Сарач, во октомври 2020 година, а кој беше уапсен во јануари годинава во Будва, под сомнение дека „подготвувал ликвидација на лица од безбедносен интерес“. Страхиња Савиќ, еден од обвинетите за планирање на атентатот на „шкаљарецот“ Марко Љубиша Кан, на црногорските инспектори им кажал дека Илиќ го убил Шарац за 5.000 евра и мала количина кокаин за лична употреба.

Илиќ до убиството на Сарач, за кое е осомничен, најмногу бил познат како ситен криминалец, иако имал голем број кривични пријави.

УБИЈЦИ-АМАТЕРИ ПООПАСНИ ОД ПРОФЕСИОНАЛНИТЕ ЛИКВИДАТОРИ

„Несмасно“ извршената ликвидација, пред бројни сведоци, среде бел ден, на јавна површина, јасно покажува дека убијците не се професионалци, објаснува криминологот Добривоје Радовановиќ, кој за српски „Блиц“ истакна дека нема вистински професионални убијци на Балканот. Според него, кога на криминалците им треба некој кој професионално ќе го изврши делото, тие го носат убиецот од странство и дебело го плаќаат.

– На тие убијци треба да им обезбедат сместување, заштита, логистика, пристојни станови, а дополнително лично му даваат значително повеќе пари отколку што можеме да замислиме во однос на балканските убијци – вели Радовановиќ.

Тој објаснува дека и српските криминални групи имаат сериозни убијци, кои зад себе не оставаат бројни траги.

– Треба да се знае дека сега, кога се во прашање овие злосторници сега, тоа се главно момци кои се платени, можеби уценети или едноставно наркомани кои можат да извршат нарачано убиство за грст дрога. Или пак, од друга страна, се работи за луѓе кои од војните излегле како познати убијци или од некоја специјална единица – вели тој.

Според него, фактот што овие убијци брзо „паѓаат“, што многумина лесно ги препознаваат или меѓу нив се јавуваат сведоци кои се претходно обвинети, а бргу прифаќаат да сведочат против своите колеги, доволно зборува за вистинската состојба на нивната „професионалност“.

– И подобро е што не се професионални затоа што брзо се апсат и се отстрануваат од улица. Но, таквите луѓе се одговорни за многу убиства годишно и тоа мора да се прекине – смета Радовановиќ.

Тој истакнува дека опасноста од вистинските убијци кога станува збор за случајни жртви е многу помала отколку кога станува збор за вторите.

– Има премногу ликвидации кои не се стручни. Вистинскиот убиец е многу помалку опасен за околината, за оние што не се обележани како потенцијална жртва, но затоа го има многу поретко кај нас. Таму каде што тој работи нема случајни минувачи, или луѓе кои би настрадале во друштво со жртвата, освен кога се работи за престрелки на банди. Овие убијци што сега се актуелни, се поопасни затоа што се помалку обучени и можат да убиваат случајни минувачи и луѓе кои седат до жртвата, односно не го избираат моментот кога ќе убијат. Нивната логистика е слаба и бегаат со автомобили кои се веќе барани од полицијата, па дури и со велосипеди. Третата работа е што многу често се познати во круговите на локалниот криминал или нарко-криминалот. Тие се поопасни затоа што убиваат за грст долари веднаш и не се грижат многу за своите жртви. Тој тип на наши убијци може да постави бомба под автомобил во кој случајно се наоѓа цивил, или може да испука повеќе куршуми во ресторан и да ги погоди, не само жртвите, туку и луѓето што случајно се нашле во нивна близина. Ваквите убијци немаат свои норми кои ги почитуваат, немаат вредносни системи, не одговараат никому во криминалните кругови. Во нивниот случај имаме криминал кој е неконтролиран – нагласува Радовановиќ.

Подготвил: Даниела Трајковска-Здравеска