Земјите во регионот презедоа различни мерки за ограничување на цената на горивата, по ескалацијата на енергетската криза во светот, што влијаеше и на различните малопродажни цени на нафтените деривати. Веќе од денеска Регулаторната комисија за енергетика најавува и ново покачување на цената на горивата
Цената на нафтата на светскиот пазар вчера повторно забележа раст, а еден барел достигна вредност од 107 долари, за разлика од завчерашниот ден кога изнесуваше 106 долари. Цената на нафтата на американскиот пазар се искачи на 105 долари. Следејќи ги цените на светскиот пазар, Регулаторната комисија за енергетика од полноќ ги одреди новите малопродажни цени на бензините во Македонија. Така, малопродажните цени на бензините еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 се зголемуваат за 2 ден./лит., додека малопродажната цена на еуродизел (Д-Е V) се зголемува за 1,50 ден./литар. Малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за 1 ден./лит. Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 0,510 ден./кг и сега ќе изнесува 52,294 ден./кг. Од полноќ, максималните цени на нафтените деривати изнесуваат: 86 денари за моторен бензин еуросупер БС-95, 88 денари за
еуросупер БС-98. Литар еуродизел БС чини 87, а
маслото за горење екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 85 (денари/литар).
Земјите во регионот презедоа различни мерки за ограничување на цената на горивата, по ескалацијата на енергетската криза во светот, што влијаеше и на различните малопродажни цени на горивата во различните земји.
Владата на Србија минатата недела донесе неколку уредби што влијаат на висината на цената на дериватите, за кои се пропишуваат максимални цени за бензинот, дизелот, како и за намалување на акцизите од 20 отсто на 15 отсто. Така, максималната пропишана цена за дизелот до следниот петок е 206,2 динари, а за бензинот 184 динари, објави Нова ТВ.
Милан Ракиќ, претседател на Здружението на сопственици на приватни бензински пумпи, прогнозира дека горивото ќе достигне цена до 250 динари за литар. Србија има најостра акцизна политика во регионот, што прави да има повисоки цени на горивата во споредба со Македонија, објаснува тој.
Српските медиуми направија споредба на цените на горивата во другите земји во регионот, а според вчерашната состојба, најниска цена се плаќа во Унгарија, каде што за литар бензин и за литар дизел се плаќаат околу 155 динари или 1,29 евро. Унгарската влада кон крајот на април одлучи да го продолжи ограничувањето на цената на горивата до 1 јули годинава.
Највисоки цени има во Црна Гора, каде што дизелот се продава за 207 динари, а бензинот за 203 динари. Во Романија бензинот според вчерашниот ценовник се продава за 151,8 динар, околу 1,57 евро, додека литар дизел чини 184,75, односно 1,75 евро. Во Хрватска дизелот чини околу 1,73 евро, а литар бензин 1,63 евро.
Босна и Херцеговина важеше за земја со „поевтино“ гориво во регионот, но литар дизел во оваа земја се искачи на 1,59 евро, а литар бензин на 1,5 евро. Во Бугарија бензинот чини околу 1,39 евро, а дизелот 1,56 евро, пишува српски „Блиц“.