Најновата информација во врска со аферата околу атентатот вели дека француските разузнавачи ја пресретнале телефонската комуникација меѓу Радоје Звицер и други заговорници, кои се подготвувале да го убијат Aлександар Вучиќ. Според француските разузнавачи постојат индикатори дека заговорот оди до многу високи позиции во црногорската власт. На ова следуваше жестока реакција на официјална Подгорица
Србија
Балканските медиуми и натаму продолжуваат да ја разработуваат темата за заговорот што се подготвувал против српскиот претседател Александар Вучиќ, а кој требало да заврши со негова ликвидација. Најновата информација ја објави црногорскиот портал „Борба“, според која, француската полиција ја пресретнала телефонската комуникација меѓу Радоје Звицер и други заговорници, кои се подготвувале да го убијат Aлександар Вучиќ. Според информациите до кои дошле, во атентатот биле вклучени лица од Црна Гора и од Косово.
„Во документацијата проследена до колегите во Србија се наведува дека групата што планирала одмазда на Вучиќ му е лута на првиот човек на Србија затоа што започнал пресметка со организираниот криминал, што резултирало со апсење на нивните истакнати членови“, наведува порталот. Сето ова потврдува дека организираната банда детално го одработила својот пеколен план, кој, за среќа, навреме бил откриен и спречен, се оценува во текстот.
Министерот за внатрешни работи Александар Вулин, потсетува „Борба“, неодамна објави дека постои криминална група, организирана од Радоје Звицер, која има намера да го убие претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Според него, бидејќи биле уверени во квалитетот и вредноста на информациите добиени на повеќе стручни нивоа, припадниците на МВР и на Безбедносно-информативната агенција, заедно со Европол и партнерската служба од која се добиени информациите, започнале сеопфатна акција за утврдување на идентитетот на сите членови на организации, чија цел е убиство на претседателот Вучиќ.
– На чело на оваа криминална група е црногорскиот државјанин Радоје Звичер, по кого Србија веќе има распишано потерница, организатор и еден од водачите на Кавачкиот клан, одговорен за шверц и нелегална продажба на дрога, но и за организирање и нарачка на неколку убиства извршени на територијата на Србија, Црна Гора и други земји – изјави министерот Вулин.
Од своја страна и белградски „Информер“ го впери прстот кон Звицер, кој наводно се крие во Латинска Америка. „Информер“ веќе пишуваше за неговите прислушувани телефонски разговори во кои вели дека е подготвен да плати 100 милиони евра за главата на Вучиќ.
Навраќајќи се на оваа тема, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека сѐ уште не е отстранета опасноста од атентат на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
– За тоа комуницираме и со земји надвор од Европската Унија. Тоа сѐ уште не сме го спречиле, борбата сѐ уште трае и опасноста не е отстранета – изјави таа за српски медиуми.
Брнабиќ рече дека е невозможно лидерот на Кавачкиот клан, Радоје Звицер, кој е осомничен дека е вмешан во организирањето на атентатот на претседателот на Србија, да биде толку силен без поддршка од државниот врв.
– Невозможно е некој од Црна Гора да не знаел за Звицер и да не го спречил. Јас не верувам во тоа – рече Брнабиќ.
Таа претходно рече дека известувањето оти се подготвува атентат на претседателот на државата е добиено од Европол, преку една членка на Европската Унија, со временска рамка што била планирана за првата половина на февруари.
Од друга страна, претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, нервозно реагира затоа што српските власти го поврзуваат со атентатот врз Александар Вучиќ.
Тој очигледно се препознал во описот на „политичкиот заштитник“ на шефот на Кавачкиот клан, Радоје Звицер, кој, според Европол, подготвувал атентат на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Во интервју за агенцијата „Мина“, Ѓукановиќ рече дека неговото доведување во врска со планирањето атентат на претседателот на Србија е „најобична глупост и политичка конструкција“.