Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, утринава ја номинираше еврокомесарката Марија Габриел за кандидат на неговата политичка партија за следен премиер на Бугарија, потврдувајќи ги постоечките шпекулации во Софија, пренесува „Еурактив“ цитирајќи ги бугарските медиуми.
Кусата најава на Борисов во парламентот ја поздравија само пратениците на ГЕРБ, а тој истакна дека Габриел е задолжена самата да побара поддршка од другите парламентарни сили за да се договори за кабинет.
Борисов вчера најави дека мандатарот за новата влада ќе биде претставен пред лидрите на сите политички партии во бугарскиот парламент. Неговата ГЕРБ се покажа како најсилна партија на предвремените ибори на 2 април, освојуваќи 25 отсто од гласовите, и сега ја има тешката задача да најде коалициски партнери за да формира влада.
Тој рече дека Бугарите и Европа ќе се гордеат со премиерот што тој ќе го предложи.
„Нашиот премиер ќе биде личност што ќе може да ги води економијата, индустријата и модернизацијата во насока што сите ја очекуваме,“ нагласи Борисов.
Откако „24часа“ ја објави шпекулацијата за новиот мандатар, Еурактив побарал коментар од канцеларијата на Габриел и од кабинетот на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен, но оттаму одбиле да коментираат.ж
За да ја напушти позицијата на еврокомесар, на Габриел ќе биде потребна формално одобрување од шефицата на ЕК. Ако Габриел ја напушти Комисијата, Фон дер Лајен може или да ја замени или да му го даде нејзиниот ресор на друг комесар.
Експертите велат дека Габриел ќе згреши ако ја напушти функцијата комесар за да се приклучи на бугарската политичка сцена, каде што, дури и во најдоброто сценарио, тешко би можела да опстане долго на чело на кревкиот кабинет.
Борисов рече дека ќе им понуди 20 министерски места на другите политички партии кои би го поддржале неговиот лично избран кандидат. Понудата можеби изгледа дарежлива, но четирите претходни предвремени избори не резултираа со одржлива влада токму затоа што главните политички играчи не сакаа коалиција со Борисов.
Ако обидите за формирање влада повторно пропаднат, Бугарите повторно ќе одат на предвремени избори летово и Борисов предупреди дека е време работите да се сфатат сериозно.
„Апелирам до сите страни: Избори во август, без буџет, би биле катастрофа“, предупреди тој, нагласувајќи дека ГЕРБ е „дефинитивно одлучна да формира влада по секја цена“.
Борисов рече дека мандатарот „ќе стави ред во хаосот“, ќе ги деблокира европските фондови достапни според планот за закрепнување, ќе ги унапреди реформите во правосудството и ќе се погрижи Бугарија да влезе во Шенгенската зона.