Умберто и крадецот на чадори (1)

Необичниот чадор Умберто живее во Дождоградец.
Откаде пак необичен? Во Дождоградец, се гледа по името, чадорите играат важна улога во секојдневниот живот. Многу често, а некогаш постојано, паѓа дожд, и по градските улици и паркови жителите чекорат со отворени чадори, од традиционалните црни до оние во најсмели дизајни и бои.
Се чини дека е тешко само поради изгледот Умберто да се нарече необичен. Освен тоа, треба да се каже уште нешто: единствен што знае за необичноста на Умберто е неговиот сопственик, банкарскиот службеник Тоше, дебеличок човек со тивок глас и пред сѐ и секогаш свежо избричен и уреден, па не се случило да го заборави Умберто како што им се случува на другите луѓе, поради презафатеност или расеаност, да ги заборават попат своите чадори.
Но и тој, самецот Тоше, откако во подрумот на скромната семејна куќа го најде многу правливиот Умберто и откако потоа внимателно го исчисти, немаше поим дека чадорот е необичен. На Умберто, којзнае зошто, некако многу му се допадна и реши да го користи наместо претходните два, кои уредно ги смести во плакарот.
Кога следното вообичаено дождливо утро појде на работа и го отвори Умберто, слушна како некој, сосем близу, извика: – Еј, откога не сум видел ваков убав мокар град!
Малку е да се каже дека Тоше беше изненаден. Беше вџашен! Околу него немаше никој, освен неколку минувачи со чадори што брзаа за да стигнат навреме на работа.
– Ти не мислиш така? – повторно се јави гласот.
– Па, не знам… врне… – тивко прозборе Тоше.
– Без грижа, Тоше. Нема да покиснеш, јас сум сосема функционален.
Дури тогаш Тоше разбра дека со него зборува чадорот Умберто, за кој не знаеше ни како се вика: – А ти… умееш да зборуваш… Ти… јас.. .разговарам со чадор…
А Умберто, откако се претстави и додека дождовните капки тропкаа по него, се расприкажа за својот подрумски престој во Дождоградец.
Првпат во својата кариера Тоше задоцни на работа, навистина не повеќе од 4 минути и 15 секунди и навистина никој освен него не го забележа тоа, но приказната на Умберто малку го подзанесе, што тој, сосем невообичаено за него, малку се подзаборави. Излезе дека Умберто веќе со денови, а можеби со месеци, бил во подрумот. А таму, низ прозорчето, го бутнал, го фрлил, Крадецот на Чадорите.
– Кој?! – се тргна Тоше и дождовна водичка го попрска по лицето.
* * *
Како и Умберто, но на свој начин, и Крадецот на Чадорите е необичен лик. За кого луѓето и не знаеја дека постои, а кутрите чадори што ги крадеше и ги оставаше на најзафрлени места, ако случајно беа најдени, не можеа да зборуваат човечки за да раскажат што им се случило. Така, Крадецот на Чадорите непречено, и вешто ја тераше својата, особено за Дождоградец, недолична дејност.
– Инаку, кога би се сретнал со него некаде внатре, на пример во твојата банка, или во самопослуга, или во кафуле, ти, Тоше, отпрво не би го препознал. Изгледа како симпатичен средовечен граѓанин на Дождоградец. Така ми изгледаше и мене кога ме грабна во продавницата за чадори. Потоа не можев да го видам, зашто ме скри под мантилот и со мирен чекор излезе од продавницата. Надвор, како и обично, врнеше, но тој не ме извади од под мантилот, туку продолжи, сега со побрз чекор, но не како да бега, туку како некој да го чека, да се движи низ градот. Под мантилот беше темно и не можев да се ориентирам накај одиме, додека во еден миг не ме извлече надвор и ме фрли во подрумот на твојата куќичка. Тогаш забележав одблиску дека има темни, пробивни и опасни очи. И на главата носеше качулка.

(продолжува)