Две години

Две години Гоце Делчев го имаме ставено на маса – оваа содржајна мисла не е моја, неа ја има кажано член или претседателот на нашата комисија, кои заедно со членовите од комисијата на источниот сосед неколку години, две или три, буричкаат во замислениот историски контејнер, со порачана задача да ги пронајдат и расчистат сите „нејасни“ настани од минатото. Исто така и неколкуте „сомнителни“ и „недефинирани“ историски личности, членовите од двете комисии да ги исчистат од нивните „заблуди“ и таквите личности да бидат поставени врз историскиот пиедестал на соседот Бугарија. Интересно е тоа што личностите од списокот што треба да бидат исчистени и препарирани ѝ припаѓаат исклучиво на македонската историја, култура и традиција и претставуваат основоположници на македонската држава и нација.
Членовите на нашата комисија сами одлучија да се стават во положба да ја носат историската тежина врз своите умови и плеќи, и поголемиот товар го носат токму тие, а членовите од комисијата на источниот сосед носат лесен товар или никаков. Тие повеќе играат улога на редари и нарачатели. Исто како да сте во ресторан и да порачате француски „шатобријан“, кој ако го има добро, ако го нема, нервозно ќе ја искажете вашата желба. „Ако утре го немате тоа што јас сакам да го имам, во таков случај не само што ќе имате долгорочни последици туку нема да ве третираме за сериозна средина што ги почитува прогресивните норми на ЕУ“.
Горе-долу такви се состојбата и работната атмосфера меѓу двете комисии. Како и со преговорите со јужниот сосед, и во овој случај распоредот на темите и разговорите за кои личности ќе се разговара и преговара го прават членовите од комисијата на источниот сосед. Чистење однатре и однадвор на настани и личности од нивната историја е неможно, таму не смее да се чепка. Историјата на нашиот источен сосед е чиста како солза, уште малку ѝ треба за да биде комплетна и санстефански цела.
На членовите на комисијата од Бугарија беше идејата Делчев да се постави на преговарачка маса, нашите прифатија и сега, по две години, Гоце не е поместен од таквата положба – да лежи или да стои пред сите членови од која било комисија! Ваквата чудна состојба на рекла-кажала или дај-не дај нуди можност да се влезе во доменот на историската иреалност, па во таква состојба се наоѓа и Гоце Делчев!?
Си велам, што бараат, што ги интересира членовите на двете комисии, особено овие нашиве, ме чуди зошто цели две години Гоце Делчев го имаат поставено на маса? Ваквата сцена, по малку морбидна, истовремено трагикомична и имагинарна, на некој начин ме потсетува на една слика на Рембрант, насловена „Час по анатомија на доктор Тулп“, изработена во 1632 година, кога Рембрант имал 26 години. Тие што од разни потреби имаат можност да одат или учествуваат на Хашкиот трибунал, можат да ја видат и сликата на Рембрант, која е изложена во камерен музеј во Хаг. Членовите на двете комисии ме потсетуваат на сликата не по содржината туку според положбата на личностите и од сликата и тие од двете комисии.

Ако останеме во сферата на имагинарниот свет и можеме да помислиме дека членовите на двете комисии имаат право да си постават какви сакаат прашања, логични или извртени, историски потврдени или историски крајно откачени и тотално невистинити, тогаш исто така да им дозволиме да се запрашаат на кој начин е убиен Гоце Делчев? На пример, дали кодошот или предавникот пукал во Делчев од лице или од грб? Предавниците и кодошите од немање храброст, навика им е да стрелаат од грб за да не ги види и препознае нивната жртва. Член од која било комисија може да си го постави прашањето дали куршумот што влегол, а потоа излегол од телото на Гоце, направил доволно голема и долга рана од која Делчев починал?
Може и такво прашање да се постави, зошто да не? Во денешно време сѐ е дозволено, може некој сам да си поставува прашања и сам да си одговара! Член на нашата комисија може да се запраша дали предавникот пукал кон Гоце во главата или во градите. Некој од комисијата на источниот сосед можеби сака да дознае дали Гоце Делчев бил усмртен само од еден кукавички истрел или и од други повреди. На пример, ако некои членови од комисиите имаат сериозни докази со кои можат да потврдат дека Гоце по првиот истрел испратен од непознатиот предавник и кодош, кога паднал на земја, добил други повреди од кои Гоце Делчев физички заминал од овој свет, треба да го кажат тоа. Може така, може и поинаку, може и кој како сака. На пример, некој може да си замислува дека за грст златници сешто се прави, за жолтици и сребреници и порано и сега се купуваат предавници! Таквата судбина и Делчев ја има почувствувано на сопствената кожа.

Сега може некој да си рече дека горенаведеното е бла-бла-бла или дека сето тоа е научна фантастика. Сосема се согласувам со таквите помисли исто колку што не се согласувам со размислувањата на членовите на двете комисии, особено на нашиве, кои од не знам какви причини немаат трошка почит кон нашите важни историски личности што го дале животот за денешна Република Македонија. А тие така ноншалантно ги ставаат на „список“ за продавање, шиткање и проверка дали одредена личност е родена таму, а убиена онаму, дали прошетала во овој град или работела во друг и навистина таквите чистења однатре или однадвор се повеќе од неподносливи.
Гоце Делчев најмалку заслужува таква работа, за Гоце не се разговара. Срамно е за тие што кажуваат дека Гоце Делчев две години стои или е поставен на маса! За што е поставен на маса? Духот на Гоце Делчев може и денес да шета покрај Егејско Море, може да прави прошетки во Скопје, Пирин или Софија, да седне на врвот од Шар Планина со погледот насочен кон Европа, нели Гоце Делчев го разбирал светот како поле за културен натпревар меѓу народите.