Фото: Принтскрин/Илустрација

Експлозијата што попладнево се случи во познатата истанбулска улица „Истиклал“ би можела да биде терористички акт, кажа турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, врз основа на првичните информации што ги добил од гувернерот на Истанбул, Али Серликаја, пренесува турската радио-телевизија „ТРТ“.

– Турција нема да потклекне на тероризмот. Ќе ги идентификуваме сите одговорни за нападот. Нашата нација треба да биде сигурна дека сторителите на инцидентот на улицата „Истклал“ ќе бидат казнети како што заслужуваат – кажа Ердоган, наведувајќи дека има најмалку шестмина загинати и 53 повредени во експлозијата.

Јерликаја претходно на Твитер објави дека се згрижуваат повредените.

Полицијата презема безбедносни мерки на местото каде што се случи експлозијата. А истанбулското обвинителство покрена истрага за инцидентот, во која беа назначени петмина обвинители.

– Сите институции и организации на државата спроведуваат брза, темелна и ефективна истрага за инцидентот – кажа директорот на комуникации Фахретин Алтун.