Едно лице е уапсено, а неколку приведени по нападот врз група родители на деца од Белград кои синоќа учествувале на регионален турнир во Сараево.
Синоќа едно лице од Белград беше повредено со нож во инцидент што се случил во хотел во сараевската населба Илиџа.
Како што пренесува Клик, повикувајќи се на учесниците на настанот, нападнати биле група родители на млади фудбалери на ФК Звездара од Белград, кои учествуваат на меѓународен турнир.
Според порталот Сараево, група луѓе влегле во хотелот во кој се наоѓале децата и нивните родители и со солзавец ги нападнале родителите на фудбалерите и се обиделе да им го украдат знамето. Родителите ги следеле, но надвор ги пресретнала уште поголема група луѓе кои биле маскирани и имале факели и ножеви.
Потоа повторно биле нападнати родителите, а еден од нив бил повреден со нож.
Од Министерството за внатрешни работи на кантонот Сараево потврдија дека се случил инцидент, но без да наведат детали.
– Полицијата е известена дека на подрачјето на Илиџа има нарушување на јавниот ред и мир и дека едно лице е повредено со остар предмет и е пренесено за лекарска помош. Неговиот живот не е во опасност – изјави портпаролот на МУП КС Мирза Хаџиабдиќ.
Според него, полицијата работи на расветлување на сите околности поврзани со овој настан.