Фото: Илустрација/ Официјална страница на грчката крајбрежна стража

Најмалку 79 луѓе загинаа, а повеќе од 100 се спасени откако нивниот брод се преврте во близина на брегот на јужна Грција. Но, преживеаните и грчките власти велат дека на бродот имало уште стотици мигранти, можеби од 500 до 700.

– Бројот на луѓе на бродот беше многу поголем од капацитетот што треба да се дозволи за тој брод – изјави регионален здравствен службеник.

Владата соопшти дека ова е една од најголемите мигрантски трагедии во Грција и прогласи тридневна жалост.

Бродот потона на околу 80 километри југозападно од Пилос. Од крајбрежната стража додаваат дека бродот бил забележан во меѓународните води доцна во вторникот од авион на граничната агенција ЕУ Фронтекс. Никој на бродот не носел појас за спасување.

Грчкиот јавен радиодифузен сервис ЕРТ објави дека властите контактирале со бродот неколку пати преку сателитски телефон и понудиле помош, но постојано им било кажувано: „ние не сакаме ништо повеќе освен да одиме во Италија“.

Неколку часа подоцна, некој од бродот, наводно, ја известил грчката крајбрежна стража дека моторот на бродот се расипал.

Набргу потоа бродот се превртел, а биле потребни само десет до петнаесет минути целосно да потоне, јавува „Би-би-си“.