Фото: Илустрација/ Пиксабеј

Бугарија ќе стави вето на одлуката на ЕУ за руското нафтено ембарго доколку не биде вклучена во списокот на земји кои ќе го одложат воведувањето на оваа санкција, јави локалната ТВ НОВА, врз основа на свои извори.

На денешната средба на амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Брисел, како што јави дописникот на МИА од Софија, учествува и бугарскиот дипломат Румен Александров. Средбата почна утрото, а амбасадорите се децидни дека ќе продолжи се додека не се реши руското нафтено ембарго.

ЕК претстави измена на планот, со кој се предлага да се воведе исклучок за Унгарија, Словачка и Чешка, но не и за Бугарија.

Според локалните медиуми, од официјална Софија е добиена официјална инструкција дека доколку на исклучоците не се додаде Бугарија, таа ќе стави вето на одлуката.

Унгарија и Словачка сакаат подолг период за прекин на употребата на руската нафта. Според предлогот на ЕК, двете земји ќе добијат една година повеќе од остатокот од ЕУ за да се откажат од руската нафта. Будимпешта и Братислава го отфрлија предлогот, велејќи дека им треба повеќе време за да ги приспособат своите синџири на снабдување. Најверојатно ќе успеат во нивните напори – веројатно ќе добијат две години повеќе од остатокот од ЕУ.

Чешката Република и Словачка најверојатно ќе се приклучат на оваа шема за ослободување, бидејќи и двете се слично зависни од руската нафта.

Хрватска се залага за изземање од ембаргото на руската нафта според кое и после тековната година би можела за потребите на рафинеријата во Риека да го увезува дериватот Вакум Гас Оил (ВГО) за производство на дизел гориво, пренесува загрепски „Вечерњи лист“.

Во дискусиите меѓу земјите-членки на Советот на ЕУ за усвојување на предлогот на Европската комисија за шестмесечно ембарго на увоз на руска нафта и на руски нафтени производи до крајот на годината, Хрватска се залага за ослободување што би продолжило и наредната година.

„Вечерњни лист“ се повикува на неофицијални извори според кои рафинеријата во Ријека би можела да увезува ВГО.

ВГО е сировина неопходна за производство на дизел, а рафинеријата на нафтената индустрија (ИНА) е оптимизирана за нејзина употреба во производниот процес. Изворите за набавка на ВГО на пазарот се прилично ограничени, па ИНА бара натамошно купување на тој дериват, го пренесува весникот соопштението од Управата на ИНА.

Дебатата во Советот на ЕУ почна во средата кога Европската комисија го предложи шестиот пакет санкции против Русија, со ембаргото за нафта како клучен дел од пакетот, продолжи вчера, а веројатно ќе се расправа и утре бидејќи нема индиции за консензус.

Најголема пречка е Унгарија која тврди дека нема да се согласи со предлогот на Комисијата со кој на таа земја, како и на Словачка, би им се оставила можност да купуваат руска нафта до крајот на 2023 година, подолго од другите земји-членки.

Во средата Унгарците побарале трајно изземање, додека Словаците, наводно, барале изземање до 2025 година. Чешка и Бугарија сигнализирале дека ќе бидат среќни да бидат изземени од ембаргото барем до 2023 година.

Според неофицијални информации на кои се повикува „Вечерњи лист“’, Грција не е среќна бидејќи Комисијата во предлогот за нови санкции предвидува и забрана за транспорт и осигурување на транспортот на руската нафта во светот. Таквата одредба влијае на грчките и другите европски бродски компании. Замислата според која се води Еврокомисијата е да ги спречи Русите на лесен начин само да ја пренасочат нафтата наместо кон ЕУ кон други купувачи во светот.

Преговорите за конечната одлука за ембаргото на руската нафта на крајот може да биде донесена во форма што отстапува од предлогот на Комисијата. Засега нема индиции дали барањето на Хрватска е ќе наиде на плодна почва или не, пишува „Вечерњи лист“.