Грција

Грчката телевизија АНТ1 престана да емитува турски серии на својата програма во текот на летото, како одговор на одлуката на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да ја претвори „Аја Софија“ во џамија. Главниот и одговорен уредник Јоргос Пофантис рече дека одлуката е донесена и дека наскоро ќе биде претставена новата програма.
Ердоган потпиша декрет на 10 јули да ја претвори „Аја Софија“ во џамија, откако Државниот совет ја поништи одлуката донесена во 1934 година со која „Аја Софија“ беше претворена во музеј и ја прогласи за нелегална. Минатата недела во ова место на богослужба се одржа првата молитва, а фреските и сите христијански симболи беа покриени со завеси.
По одлуката на Ердоган, Грчката православна црква веднаш побара од УНЕСКО да ја осуди Турција, а во писмото што го испратија, меѓу другото, се наведува дека со претворањето на „Аја Софија“ во џамија овој споменик на светското наследство повторно се претворил во симбол на освојување.