Една држава со три „главни“ града - Сараево, Бања Лука и Мостар

За некои испитаници од српскиот и хрватскиот ентитет главен град е Бања Лука, односно Мостар

Сараево, правно, е главен град на Босна и Херцеговина, но добар дел од населението на двата босанскохерцеговски ентитети не го знае тоа и не го ни признава. Неодамнешното истражување на агенцијата „Праим комуникејшн“, спроведено во Република Српска, покажа дека речиси 60 отсто од граѓаните не знаат дека по ентитетскиот устав Сараево е главниот град на Република Српска. Истражувањето е спроведено на примерок од 1.000 испитаници.

На прашањето дали според Уставот на РС главен град на овој ентитет е Сараево, одговор дале 21,7 отсто од испитаниците, а 56 отсто одговориле дека главен град е Бања Лука. Дури 13,9 отсто од анкетираните граѓани сметаат дека тоа е Источно Сараево, пренесува Радио Слободна Европа.

Срѓан Пухало, социјален психолог, смета дека целото истражување во исто време покажало колку граѓани не знаат колку е апсурдна целата состојба.

– Тоа е еден показател колку луѓето не се информирани за елементарни работи. Од друга страна, се укажува на еден апсурд дека Бања Лука се прифаќа како административен центар на Република Српска, но главниот град на овој ентитет е во Федерацијата на БиХ, а тоа е нелогична приказна – вели Пухало.

Досега имаше неколку обиди за измена на Уставот на Република Српска, со која Бања Лука ќе се прогласи за главен град, но предложените амандмани на ентитетскиот устав ги стопира клубот на Бошњаците во Народното собрание на РС.

Во јавноста во РС генерално се создава лоша слика за Сараево со изјавите од политичарите, кои јавно се откажуваат од Сараево, а во исто време ги користат бенефициите со работењето во овој град, појаснува Пухало.

– Имаме луѓе што јавно го презираат Сараево, а притоа се кандидираат за политичките места со седиште во Сараево. За нив Сараево е оружје за заплашување, а во исто време имаат плата од пет или шест илјади марки – појаснува Пухало.

Иста е состојбата и во Федерацијата на БиХ, каде што поголем дел Хрвати како главен град на федерацијата го чувствуваат Мостар. И овде имаше неколку иницијативи, наместо Сараево, за главен град на хрватскиот ентитет да се прогласи Мостар. Сето ова покажува дека БиХ е далеку од интегрирана држава, 23 години по војната, смета социологот Славо Кукиќ.

– Ние во овој момент сме далеку од интегративната смисла од тоа што бевме во 2001 година. Поблиску сме на почетокот на 90-тите години од минатиот век. Она малку од интеграцискиот замав што постоеше дефинитивно е избришано – смета Кукиќ.

За тоа што граѓаните живеат во разединета земја причина е погрешното дејствување на политичките актери, кои потпомогнати со контролирани медиуми успешно ги одвојуваат граѓаните во посебни табори, вели Ахмед Буриќ, новинар и книжевник.

– Тие не се согласуваат за ништо, освен за тоа да одржуваат тензии. Каква било нормализација на односите во општеството нив ги става во рамките на правната држава. Овде не зборуваме за тоа колку БиХ е интегрирана, туку колку олигарсите успеале да направат одвоени светови во кои тие добро функционираат – вели Буриќ.