Ова ќе ѝ биде трет обид на бугарската влада за рестартирање на нуклеарката во последните 20 години, но остануваат истите прашања околу тоа колку ќе чини изградбата, кој ќе го плати, има ли воопшто потреба од проектот, дали цената на енергијата ќе биде конкурентна

До крајот на јуни 2018 година бугарското Министерство за енергетика треба да ѝ ги предложи на Русија различните варијанти за употреба на опремата на нуклеарната централа „Белене“. Ова го пишува во резимето на разговорот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и бугарскиот колега Румен Радев, што се одржа неделава во Сочи, објави руската државна новинска агенција ТАСС. Според бугарските медиуми, со ова, всушност, Русија ја притиска Бугарија брзо да заземе став за иднината на нуклеарната централа „Белене“. Претходно Владата на Бугарија даде зелено светло проектот да биде разгледан во парламентот и евентуално одмрзнат, а до крајот на годинава да почне постапка за избор на приватен инвеститор за изградба на „Белене“, но само ако Народното собрание го одмрзне проектот. Вицепремиерот Томислав Дончев, нагласи дека за ова е потребна согласност од руската страна (односно од „Росатом“) затоа што реакторите се од нивно производство. Според неофицијалните информации, Кинеската национална нуклеарна корпорација (ЦННЦ) сака да користи и кинески реактори во бугарската централа.

Оживувањето на проектот за изградба на нуклеарна централа крај Белене веќе не е прашање на дискусија, туку на време. Владата даде јасен знак дека сака да се продолжи со овој проект, а единствените противници на проектот, се чини, се пратениците од ДПС. Ова ќе биде трет обид за рестартирање на нуклеарката во последните 20 години, но остануваат истите прашања околу тоа колку ќе чини изградбата, кој ќе го плати, има ли воопшто потреба од проектот, дали цената на енергијата ќе биде конкурентна, каков е ризикот за животната средина и луѓето, што ќе правиме со радиоактивните отпадоци и слично. На многу од овие прашања одговори нема, барем не јавно, пишува бугарски „Капитал“.
Нуклеарката „Белене“ продолжува да биде истата црна дупка за пари, каква што била и досега. Но од бугарскиот државен врв велат дека нема повеќе да се трошат буџетски средства.

– Нема да бидат обезбедени државни гаранции за проектот или да се склучуваат долгорочни договори за откуп на произведената електрична енергија. Проектот „Белене“ или ќе биде реализиран како пазарен, или нема да биде реализиран – рече и вицепремиерот Томислав Дончев.
Сепак, политичките барања се разликуваат од експертските мислења.
– Не знам дали има инвеститор од која и да е држава во светот, кој би бил подготвен да реализира нуклеарен проект, без да добие гаранции за него – изјави генералниот заменик-директор на „Росатом“ Кирил Комаров за време на форумот „Атомекспо“, кој се одржа на 14 и 15 мај во рускиот град Сочи. Според неговите зборови, секој инвеститор секогаш ќе сака некои гаранции.

Сличен став има и Богомил Манчев, кој преку неговата поранешна фирма беше консултант на проектот „Белене“. Според него, Кинеската национална нуклеарна корпорација, за која зборува Владата, направила студија за т.н. финансиски модели со плаќањето на разликата во цените, односно произведената енергијата да се продава преку берзата, но да има договор за разликата во цени на кој државата ќе плаќа надомест, ако постигната цена е помала од онаа што е потребна за одржување на рентабилноста. Манчев смета дека при вкупна проценета вредност од 10,5 милијарди евра, бугарската држава би требало да учествува во проектот со една милијарда евра.
Досега, според пресметката на „Капитал“ за реактори, консултанти, градежништво, арбитража, државата потрошила 4,5 милијарди лева. Како индиректна инвестиција за државата се смета изградба на дополнителна инфраструктура за две милијарди лева за да може нуклеарната централа „Белене“ да ја испорачува струјата.
Интерес за инвестирање во „Белене“, освен од Кина имало уште и од француска компанија, но претседателот на Бугарија Румен Радев изјави дека за заживувањето на нуклеарната централа, исто така, подразбира и руско учество. Оттука произлегуваат и разликите во ставовите на кинеската фирма, која бара реакторите да бидат од кинеско производство.

Посебен проблем претставува тоа што цената на електричната енергија од „Белене“ ќе биде повисока од пазарната. Анализата на БАН покажа дека финансиска виталност може да се постигне само при невозможната комбинација од истовременото исполнување на десетици фактори – еден од нив на пример е зголемување на потрошувачката кај населението. За да се повратат инвестициите, цената на електричната енергија од нуклеарната централа „Белене“ треба биде барем 80 евра за мегават.

Според пресметките на професорот Христо Василев, кој е меѓу авторите на „Стратегија за развој на енергетиката во Бугарија до 2030 година“, цената на електричната енергија ќе биде барем половина пониска. Поточно таа од обновливи извори ќе се намали неколкукратно – до околу 30 евра за мегават во 2030 година поради драстичното поевтинување и усовршување на технологијата. Според Василев, тоа значи дека ако нуклеарната централа биде изградена за сметка на нови зелени централи, батерии за складирање на енергијата и паметни мрежи, бугарските потрошувачи ќе плаќаат годишно за струја 800 милиони евра повеќе, пишува „Капитал“.
За „Белене“ е направена анализа за влијанието на животната средина, но во далечната 2004 година, но таа ќе мора да се повтори бидејќи самиот проект ќе претрпи промена во зависност од тоа кој ќе биде стратегискиот инвеститор и поради новите европски барања за вакви проекти, кои влегоа во сила по хаваријата во нуклеарната централа „Фукушима“.

Иако веќе 20 години редовно се споменува дека без нуклеарна централа „Белене“ во Бугарија може да има недостиг од струја, тоа никогаш не се случило. Наспроти растот на БДП, потрошувачката на струја се намали во текот на изминатите годините, како поради реструктурирањето на индустријата, така и поради енергетската ефикасност и новите технологии. Идните предвидувања, исто така, не можат да бидат недвосмислени. Во извештајот на БАН за „Белене“ се вели дека ќе има недостиг од струја кон 2040 година, како една од причините за тоа е дека не се предвидува сериозна промена во бројот на населението. Отежнувачки фактор се и обновливите извори на енергија, кои поради условите на ЕУ и постојаното смалување на трошоците ќе играат сѐ поголема улога во иднина, пишува во анализата на „Капитал“.