Балканските жени се далеку од економска, а уште подалеку од политичка еднаквост со мажите. Пандемијата на коронавирусот дополнително ја влоши состојбата на жените, кои се поизложени на опасноста од губење на работното место

Грачаница е можеби единствениот пример на Балканот во кој речиси сите значајни градски функции ги извршуваат жените. Припадничките на понежниот пол од овој босанско-херцеговски град ги раководат Домот за здравје, детските градинки, градските аптеки, Службата за вработување, подрачната единица на Пензискиот фонд, градската гимназија, Центарот за социјална работа, Општинскиот суд, а голем број директори на приватни компании се жени. Но Грачаница е само мала светлина во „темнината“ во која се наоѓаат жените на Балканот во извршувањето на политичките функции или според нивната економска позиција. Мажите во земјите од Западен Балкан продолжуваат да доминираат во сите сфери на општествено-политичкото дејствување.
Според неодамнешните објавени податоци на Радио Слободна Европа, балканските жени се далеку од економска, а уште подалеку од политичка еднаквост со мажите. Имено, жените учествуваат со 40 отсто од вкупното вработено население на Западен Балкан, од нив 23 отсто од вработените жени имаат „несигурна работа“, 80 отсто од жените работат на помалку платени работни места. Учеството на жените во науката, технологијата, инженерството и математиката е околу 14 отсто, додека само 20 отсто од жените имаат сопственички удел во некоја компанија или 14 отсто од жените се во раководството на фирмите. Застапеноста на жените на високите политички позиции е уште попоразителна.
Годинава, поради пандемијата на коронавирусот, одбележувањето на Осми март, Меѓународниот ден на борбата за правата на жените, се одвива во поинакво „сценарио“, за разлика од претходните години, кога на овој ден се организираа голем број прослави и патувања за припадничките на послабиот пол. Економската криза дополнително се одрази на родовата (не)рамноправност во балканските општества. Отпуштањето на работниците е поголемо во професиите што претежно ги извршуваат жените, насилството над нив е во пораст, одредена група жени дополнително се маргинализираат. Според извештаите на ОН, кај жените има поголема опасност да ја изгубат работата.
Здружението на синдикатите на Србија „Слога“, по повод вчерашниот Меѓународен ден на жената, објави дека положбата на Србинките е сѐ полоша во поглед на нивната економска и социјална положба. Од синдикатот побараа од државната власт преземање конкретни чекори за зајакнување на правата на жените, поголема плата и подобри услови за работа, како и забрана на ненајавена прекувремена работа, поради наводно зголемен обем на работа, забрана за работа во недела. Сето ова е неопходно за да се оствари правото на семејство и мајчинство без какви било условувања од работодавците, посочуваат од овој синдикат.
Жените во Хрватска сѐ уште се помалку платени од мажите и имаат пониска просечна месечна пензија. Поради обврските во семејството, жените избираат послабо платени работни места. Просечната пензија за жените, според податоците на Државниот завод за статистика за 2017 година, била 600 куни пониска од таа на мажите. Уделот на жените во управувачките структури е мошне низок и изнесува од 13 до 16 отсто. Податоците на „Еуростат“ за 2016 година покажуваат дека 12 отсто од мажите учествуваат во домашните обврски, додека тоа го прават 62 отсто од жените. Во секојдневното одгледување на децата учествуваат 79 отсто од жените, а 54 отсто од мажите, објави „Индекс“.

Истражувањата во Македонија и во светот велат дека сѐ уште нема еднаква позиција на жената во сферите на одлучување, а според Савка Тодоровска, претседателка на Националниот совет за родова рамноправност во Македонија, жените доминираат само како жртви на семејното насилство и во сиромаштијата.
– Мажите и жените учествуваат еднакво во вкупната популација, но во сѐ друго жените не се рамноправни. Немаме жена претседател на држава, претседател на Влада, на Собрание. Само шест жени градоначалнички имаме од вкупно 80. Борбата е жените да дојдат на позиција што ја заслужуваат, жените во Македонија се за 10 отсто со повисоко образование, со магистерски и докторски титули. Проблемот сѐ уште се стереотипите – изјави Тодоровска за ТВ24.
Во Босна и Херцеговина жените најчесто работат на услужните позиции (102.758) и како продавачки. На работните места во администрацијата има околу 43 илјади граѓанки на БиХ, а на раководни позиции има 10.290 жени. Учеството на жените во БиХ во политичкиот живот е незначително.