Фото: Архива

Подготвил: Mарјан Велевски

Белград – Српскиот претседател Александар Вучиќ подготви дециден и жесток одговор до Брисел, а одговорот на јавноста ќе ѝ биде соопштен најдоцна во рок од 72 часа, пренесува „Новости“. Според извори на весникот, шефот на државата бил шокиран и лут по изјавата на портпаролот на Европската Унија, Питер Стано, кој рече дека Србија е под надзор на ЕУ поради потпишувањето на планот за консултации меѓу министерствата за надворешни работи на Србија и на Русија, кој неодамна беше потпишан во Њујорк.

Сараево – Шефицата на Обвинителството во Босна и Херцеговина, Дијана Кајмаковиќ, е ставена на „црната листа“ на САД поради континуирани обиди за поткопување на демократијата и владеењето на правото во Босна и Херцеговина. Потсекретарот за контратероризам и финансиско разузнавање во Министерството за финансии на САД, Брајан Е. Нелсон, изјави дека ова е дел од мерките на САД со кои ја потврдуваат посветеноста за стабилноста и просперитетот на Босна и Херцеговина, бидејќи се однесуваат на личност што има клучна улога во овозможувањето на корупцијата во земјата. На Обвинителството на Босна и Херцеговина при неговото основање му беа поставени голем број цели, меѓу кои и обезбедување на почитувањето на човековите права и владеењето на правото во земјата.

Љубљана – Голем пожар избувна во напуштена зграда во Крањ, Словенија, по што мораше да бидат евакуирани 67 лица. Во пламенот што избувнал околу 23.30 часот целосно е уништена зградата, додека од интензивната топлина се оштетени објект во непосредна близина, неколку возила и стакла на соседните згради. Околу 1 часот по полноќ пожарот бил локализиран, а во акцијата биле вклучени вкупно 133 пожарникари. Причината за пожарот сѐ уште не е позната, а се проценува настанатата штета.

Тирана – Партијата на слободата, предводена од поранешниот албански претседател Илир Мета, обвини дека во Албанија, каде што поголем процент од популацијата живее со 5,5 долари на ден или помалку, еден литар нафта чини 1,91 евро. „Во Албанија, најсиромашната земја во Европа, каде што минималната плата е 291 евро, а 67 отсто од населението живее со приходи помали или до 5,5 долари дневно, денеска еден литар дизел се продава за 1,91 евро. Во Луксембург, земјата со минимална плата од 2.202 евра, највисока во цела Европска Унија, денеска еден литар дизел се продава за 1,77 евро“, изјави генералниот секретар Теди Блуши. Тој додаде дека Албанците со десетпати помал приход од Луксембург денеска купуваат нафта поскапо затоа што „имаат Влада што секојдневно немилосрдно ги краде“.