Одлука на Специјалниот суд во Хаг

Подготвил: Mарјан Велевски

Специјализираните совети во Хаг му го продолжија притворот на поранешниот претседател на Собранието на Косово, Кадри Весељи, соопшти Специјалниот суд. Во образложението на одлуката, Специјалниот суд ја наведе опасноста од бегство, влијание врз сведоци, уништување докази.

На крајот на април, Специјализираното обвинителство го прошири обвинението против Весељи и уште тројца обвинети водачи на поранешната ОВК, Хашим Тачи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи, обвинувајќи ги дека извршиле воени злосторства и во Гнилане, Будаково и Семетиште.

Обвинението против овие четворица е потврдено на 26 октомври 2020 година, а според него, тие се обвинети дека имале заедничка цел со другите членови на здружениот злосторнички потфат да обезбедат и да вршат контрола врз целото Косово, со помош на заплашување, вознемирување, употреба на насилство и елиминација на оние што ги сметаат за политички противници.

Одбраната на Весељи годинава неколкупати бараше тој да излезе од затвор за да се брани од слобода, но Специјалниот суд ги одби сите барања.