Загреб – Регионите Шибеник – Книн и Сплит – Далмација во Хрватска од вчера се на листата на ризични региони на германскиот институт за заразни болести „Роберт Кох“. Списокот на ризични региони значи дека сите што доаѓаат од овие подрачја се обврзани да се тестираат за ковид-19 и се во карантин до добивањето на резултатот. („360 степени“)

Приштина – Косовскиот премиер Авдулах Хоти најави спроведување план за изработка на нова стратегија за економско закрепнување на земјата од последиците од епидемијата на ковид-19. Ова подразбира петгодишна развојна стратегија во вредност до шест милијарди евра. („Коха.нет“)

Атина – Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис категорично ги отфрли обвинувањата дека барателите на азил илегално се оставаат на море и тврди дека станува збор за „дезинформација“ што ја шири Турција. „Њујорк тајмс“ во анализата од 14 август изјави дека Грција ги остава мигрантите на море за да бидат спасени од турската крајбрежна стража. Според весникот, повеќе од 1.000 мигранти останале на море од март. („Опсервер“)


Бисер балкански

Лојален и полојален

– Според сегашната распределба на моќта сеедно е кој ќе ја води Владата на Србија, дали тоа ќе биде Милош Вучевиќ или Ана Брнабиќ. Двајцата се лојални, а одлучува исклучиво Александар Вучиќ, кој не само што сака да ја држи земјата во неизвесност туку и сопствените кадри. За сите кандидати лојалноста е неоспорна, а Ана Брнабиќ покажа многу поголема лојалност отколку што се очекуваше. Во сегашниот состав на парламентот само пратениците на Партијата за демократска акција на Сулејман Угљанин ќе бидат опозиција. Сите други ќе бидат во власта. Игрите со концентрациона или коалициска влада не ги менува суштински работите. Интересно е тоа дали Вучиќ со ваква влада навистина ќе ја доведе Србија до нови избори многу порано, иако не постои причина за тоа. Од аспект на граѓаните и системот и политичката моќ е сеедно каква ќе биде идната влада – рече Јелка Јовановиќ, новинарка на „Нови магазин“.