Брисел – Од вчера се укинува роамингот помеѓу Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, С Македонија и Албанија. Тоа значи дека цените за СМС и користените податоци на мобилните мрежи во националниот сообраќај ќе бидат идентични на територијата на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија и Србија. Претставниците на владите на сите шест земји на Западен Балкан во април 2019 година потпишаа спогодба со која се согласија, прво постепено да ги намалат цените на роамингот, за потоа, тие да бидат укинати од 1 јули 2021 година. (РСЕ)

Приштина – Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, се очекува да допатува во Косово, во посета на меѓународната воена мисија во земјата, КФОР.
Столтенберг, според соопштението на НАТО, ќе се сретне со командантот на КФОР, генерал-мајорот Франко Федеричи, како и со претседателката на Косово, Вјоса Османи, и со премиерот Албин Курти. („Алсат“)

Софија – Во Бугарија почна специјализирана полициска акција, која ќе трае до денот на изборите, изјави министерот за внатрешни работи на Бугарија, Бојко Рашков.
Тој рече дека поранешен бугарски министер за внатрешни работи и поранешен регионален гувернер се состанале во Ќустендил за да разговараат за тоа како да привлечат 15.000 Македонци со бугарско државјанство да гласаат во Бугарија. (МИА)


Бисер балкански

Аплауз за златните девојки

– Тие девојки беа целосно заборавени. Играа во машки дресови и од Сојузот добија само по две маици. Никого не го интересираше женската кошарка. Одлучивме во случај на повреда, операциите да ги плаќа Сојузот, а не клубот. Почувствуваа дека некој сака тие да играат за својата земја. Сега играат за националниот тим со полно срце. Овие девојки треба да ги чуваме како принцези. Не е важно тоа што се заборава мојот придонес. Немам проблем да им аплаудирам од трибините или од некој агол на улица, само тие треба да бидат во прв план и никој друг – вели Драган Ѓилас, претседател на политичка партија и поранешен претседател на Кошаркарскиот сојуз на Србија, кој е еден од заслужните за заживување на женската кошарка, но не беше повикан на прославата на најновиот успех и освојувањето на второто европско злато. Ова е четврти медал што го освоиле кошаркарките во последните шест години.