На 81 се искачи бројот на загинати во пожарите во Грција, а и понатаму е непознато колку лица се исчезнати, соопштија доцна синоќа од противпожарната служба на Грција. Според портпаролот на грчката влада, хоспитализирани се 60 возрасни лица, од кои 11 се во критична состојба и 4 деца, вон животна опасност.

Акциите на пожарникарите, припадници на армијата, полицијата и доброволци за пронаоѓање на исчезнати лица, продолжува и понатаму.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, грчката противпожарна служба, ги повика роднините на исчезнатите, денес и утре, да го посетат одделот за судска медицина на атинскиот Универзитет за да се информираат за процесот за идентификација на загинатите.

Портпаролката на противпожарната служба на Грција, на синоќешната прес конференција, рече дека се забранува употребата на дронови во областите погодени од пожарите.