Албанија

Албанскиот министер за одбрана Нико Пелеши информира дека првите денови од јануари 2022 година ќе започне реконструкцијата на воздухопловната база во Кучово, која ќе биде нова воена база на НАТО за опрема, логистика, обуки и вежби во земјата.
– Со денешната одлука ја заокружуваме регулаторната и законската рамка и го отвораме патот за почеток на работите. Во првите денови од јануари симболично ќе биде поставен првиот камен на базата во Кучово, која ќе биде прва воздухопловна база на НАТО за овој регион. Добра вест за целиот регион, националната безбедност и безбедноста на Западен Балкан – рече Пелеши.
Инаку, базата во Кучово, во педесеттите години на минатиот век била дизајнирана од инженери од тогашниот Советски Сојуз, кои поставиле динамит под пистата за да ја разнесат во случај таа да падне во непријателски раце. Албанските „мигови“, претежно од кинеско и од руско производство, не летаат од 2005 година, поради што базата сега ја нарекуваат „гробишта на авиони“.

Подготвил: Дејан Србиновски