Директорот на канцеларијата за Косово и Метохија во Собранието на Србија, Марко Ѓуриќ, ги повика граѓаните на Косово да излезат на неделните избори за избор на градоначалници во општините со мнозинско српско население.

– Србите на северот на КиМ треба да излезат и да гласаат за кандидатите на Српската листа за да не се дозволи Албанците да ја преземат контролата над српските општини. Тие сакаат во Косовска Митровица да победи албанскиот кандидат Гонџа Чауши. За жал, неа сакаат да ја поддржат и од Сојузот за Србија – изјави Ѓуриќ.

Тој ја осуди најавата на еден од организаторите на протестот „1 од 5 милиони“, Марко Јакшиќ од Косовска Митровица, дека ќе гласал за кандидатот на албанските партии.
– Тоа кажува за нивната политика. За нив не е ништо свето и подготвени се да жртвуваат сѐ за да се дограбат до власта – напомена Ѓуриќ.
Рада Трајковиќ, претседателка на Европското движење за КиМ, во изјава за „Данас“, оценува дека вонредните локални избори на северот на Косово не се демократски, затоа што на нив учествува само Српска листа, додека кандидатите на албанските партии се само маска, бидејќи немаат никакви шанси за победа.

– Србите од Косово се заплашени и не излегуваат на избори. Поучени од претходните избори во кои двајца опозициски кандидати беа убиени, никој не сака да ризикува да се кандидира за локалните избори – изјави Трајковиќ.
Душан Јањиќ, претседател на управниот одбор на Форумот за етнички односи, смета дека целта за излегување на Српска листа на изборите е да се купи време, до донесување на конечната одлука за учество на претставниците на Србите во институциите на Косово.

– За неделните избори не може да се каже дека се вистински, затоа што на српската страна ќе бидат потврдени делегираните кандидати од Српската листа – вели Јањиќ.
На вонредните избори во српските општини ќе учествуваат 58.520 граѓани со право на глас. Тие се спроведуваат поради колективната оставка на претседателите на општините во северниот дел на Косово, незадоволни од политиката на централната власт од Приштина.