Фото: Маја Јаневска-Илиева

На трилатералниот економски форум во Скопје, политичките лидери на Србија, Албанија и на Македонија ќе се обидат да ѝ дадат нова форма и содржина на иницијативата за мини-шенген, преку потпишување неколку договори за поголема регионална соработка, со можност да се вклучат и другите балкански земји

Иницијативите од пред две години искажани во Тирана за формирање брзи прекугранични ленти и за давање заемна поддршка во случај на пожари и други природни катастрофи меѓу Македонија, Албанија и Србија, неделава ќе бидат преточени и во официјални меѓудржавни договори. На регионалниот Економски форум во Скопје на 28 и 29 јули, на земјите потписнички на иницијативата за мини-шенген на Балканот, како што најави српскиот претседател Александар Вучиќ, ќе бидат потпишани три договори, кои се однесуваат на олеснување на меѓусебната трговија, за издавање заеднички работни дозволи. Но тоа што посебно ќе ја обележи средбата меѓу Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама и македонскиот премиер Зоран Заев е разгледувањето на предлогот за преименување на оваа иницијатива, позната како мини-шенген, во нов назив што ќе даде нова форма и содржина на регионалната соработка, која треба да придонесе и до формирање заеднички балкански пазар.
– Ќе покажеме дека можеме да одиме уште подалеку. Ако имаме шест или осум ленти за луѓето што доаѓаат од ЕУ, ќе имаме посебни ленти за луѓето од регионот или за овие три земји за да можат побрзо да поминат, луѓето да ја видат придобивката – да можат да поминат побрзо од оние што доаѓаат од ЕУ – изјави Вучиќ.
Мини-шенген почна како заедничка иницијатива на Србија, Албанија и на Македонија во 2019 година и се однесува на слободен проток на стоки, капитал и луѓе. Косовската влада со Вашингтонскиот договор за нормализација на односите со Србија се обврза дека ќе се приклучи кон овој проект, но по изборот на новиот премиер Албин Курти, се залага за „застапување независен став за регионална соработка“!
Пратеничката од НСД во македонскиот парламент, Соња Мираковска, во изјава за „Демостат“, вели дека заедничките проекти што водат кон натамошна поврзаност на Балканот го прават регионот чекор поблиску до ЕУ и одат паралелно со процесот на европската интеграција.

– Во санирањето на економските последици предизвикани од ковид-кризата од големо значење е регионалната соработка преку реализирање на Европскиот економски инвестициски план. Ова ќе овозможи и долгорочно економско заздравување на целиот регион – изјави Мираковска.
Генц Поло, поранешен албански министер за образование, вели дека целта на иницијативата мини-шенген е спроведување на четирите слободи на Европската Унија, во рамките на шесте земји од Западен Балкан.
– Имајќи го предвид минатото, беше потребно на почетокот во иницијативата да бидат вклучени сите земји од Западен Балкан. Реакциите на Црна Гора, Косово и на Босна и Херцеговина беа негативни, кога станува збор за форма и содржина. Се говори и за спроведување на поврзувањето и со други иницијативи. Нашите држави веќе имаат договори за слободна трговија во рамките на ЦЕФТА и можеше само да се прошири мандатот ЦЕФТА, со вклучување на прашањата за финансии и пазарот на трудот. „Укинување“ на границите во овој момент по принципот на шенген, можеби во овој момент е прерано – оценува Поло.
Весна Марковиќ, пратеничка во српскиот парламент, ја потенцира важноста на мини-шенгенот во остварувањето на целосна слобода на движењето на луѓето и производите, создавање единствен пазар на трудот и во соработката при елементарните непогоди.
– Со заеднички инфраструктурни проекти можеме да конкурираме за средства од фондовите на ЕУ. Акцентот е ставен на економската соработка и на заедничките настапи на трети пазари. Со економскиот раст на целиот регион расте и животниот стандард на сите граѓани. Потребна е политичка волја, која е искажана од страна на Србија. Верувам дека оваа иницијатива е пократкиот пат до европските интеграции, за што тежнееме сите во регионот – вели Марковиќ.

Неодамнешните процени на Светската банка се дека воспоставувањето регионална економска зона би донело 3,5 милијарди евра дополнителна вредност за националните економии од Западен Балкан.
– Прашањето не треба да се сведе само на мини-шенген, туку на вкупно регионално поврзување. Тоа е само политички издвоена иницијатива што води кон иста насока – создавање регионална економска зона – нагласува Игор Новаковиќ, истражувач на Советот за инклузивно управување, во изјава за „Демостат“.
Поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски, во изјава за „Нова Македонија“, потенцира дека влезот во ЕУ ќе биде исклучително долготраен процес за сите земји од Западен Балкан.
– Значи оваа иницијатива не е замена за ЕУ, но е утешна награда за побрз успех на сите. Тоа е реална шанса регионот да почне да функционира како мала Европска Унија, пред полноправното членство, до кое очигледно претстои долго патување за Македонија, поради блокадите од соседите – вели Никовски.