По најавите дека во Србија ќе биде забранет увоз на автомобили со стандард еуро 3, драстично се намали побарувачката за овој вид половни возила. Продавачите на стари возила ги намалија цените за веќе увезените возила што се во категоријата на најголеми загадувачи на воздухот, но затоа поскапеа цените на користените возила со стандард еуро 5 и еуро 6.

На некогашниот најголем пазар за половни автомобили на Балканот, во близината на Белград, речиси и да нема продавачи. Трговците се преориентираа на продажба преку интернет. Сепак, на пазарот има повеќе продавачи отколку купувачи. И тие што сакаат да купат стар автомобил чекаат да паднат цените, поради најавените рестриктивни мерки за увоз на автомобили, објави РТС.

Според официјалните податоци, во последните пет години се увезени околу 800 илјади возила, претежно од стандардите еуро 3 и 4. Како една од мерките за намалување на загаденоста на воздухот, се предлага ограничување на користењето на возилата и тие ќе бидат означени со посебни налепници.

Главниот град на Србија во изминатите денови се најде на врвот на листата на најзагадени градови во светот, а тоа предизвика и големи реакции во јавноста. Поради тоа од српската влада најавија воведување контроли при увозот на половни автомобили.

Агенцијата за заштита на животната средина објави извештај за квалитетот на воздухот за 2018 година, според кој воздухот во поголемите градови е ставен во трета категорија, односно тој е прекумерно загаден.
Како најзагадени градови се наведуваат: Белград, Панчево, Ваљево, Краљево, Крагуевац, Смедерево, Косјериќ, Суботица, Сремска Митровица и Ужице. Кај сите било забележано надминување на вредностите на честичките ПМ 10.