Форумот на Блед се одвиваше во поинакво „сценарио“, во кое можеше да се забележи покритички настап на лидерите на земјите од Западен Балкан во однос на „неисполнетите очекувања од Брисел за одмрзнување на процесот на проширување“, додека излагањата на европските претставници беа мошне „дефанзивни“, што може да се протолкува и како тактички потег на Брисел за „добивање време“ во неможност да постигнат поширок консензус во рамките на Унијата за побрз прием на земјите од Западен Балкан

Проширувањето на Европската Унија останува главна тема за европските високи функционери, но само кога се одржуваат регионални самити на кои учествуваат лидерите од Западен Балкан. Заложбите за заедничка европска иднина и неопходноста од „откочување на процесот за пристапни преговори за Македонија и Албанија“ беа повторно искажани на Бледскиот стратегиски форум. За разлика од претходните регионални самити, форумот што се одржа оваа недела на Блед, Словенија, се одвиваше во поинакво „сценарио“, во кое можеше да се забележи покритички настап на лидерите на земјите од Западен Балкан во однос на „неисполнетите очекувања од Брисел за одмрзнување на процесот на проширување“, додека излагањата на европските претставници беа прилично „дефанзивни“ и без препознатливите прекорувања до земјите од регионот за неисполнување на условите од преговарачките рамки со ЕУ. Впечатокот е дека ваквиот тек на дискусиите им одговараше и на двете страни, ако се има предвид дека процесот на европското интегрирање на Западен Балкан неколку години е заглавен во место, пред сѐ поради неподготвеноста на Брисел за примање нови членови во „европското семејство“. Оттука, според некои експерти, е и променетиот речник кај европските политичари кон земјите од регионот, што може да се протолкува и како тактички потег на Брисел за „добивање време“ во неможност да постигнат поширок консензус во рамките на Унијата за побрз прием на земјите од Западен Балкан. Настапите на лидерите на Албанија, Србија и на Македонија, пак, беше повеќе како алиби пред сопствените граѓани за неисполнување на ветувањето за зачленувањето во ЕУ, за што беа направени и големи отстапки на сопствена штета, ако се имаат предвид случајот со Македонија и надворешните притисоци за промена на уставното име на државата.

Најдиректна порака од Бледскиот стратегиски форум упати Борут Пахор, претседателот на Словенија, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, кој нагласи дека проблемот веќе не е само политички и додаде дека состојбата стана многу позагрижувачка за ЕУ.
– Што направи Северна Македонија за нејзината европерспектива – направи сѐ, и уште повеќе, а што доби за возврат – ништо и уште помалку. Со ова кредибилитетот на ЕУ многу се наруши. Се обидувам да разберам дека проширувањето на ЕУ во моментов не е приоритет, имајќи ги предвид сите проблеми во ЕУ и пошироко. Но сепак, верувам дека постигнувањето прогрес во преговорите со Северна Македонија и со Албанија треба да остане приоритет и ова прашање да се затвори – нагласи Пахор.
Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеи, кој во претходните изјави за процесот за проширување настапуваше со мошне бирократски речник, изнесувајќи ги крутите ставови од Брисел, во излагањето во Блед нагласи дека „ЕУ не смее да си дозволи да го изневери Западен Балкан“ и додаде дека повеќе нема време за чекање!
– Проширувањето е процес, има фази и повеќе е административен процес отколку политички. Треба да зборуваме за политички, економски, општествени и безбедносни интеграции. Тоа се теми за Западен Балкан. Имаме свеж пример – Авганистан.

Авганистан е далеку, но Западен Балкан е овде. Нашата одговорност кон Балканот е поголема отколку кон Авганистан. Не може да си дозволиме да го изневериме Западен Балкан – изјави Вархеи на панел-дискусијата „Иднината на Европа“, во рамките на 16. Бледски стратегиски форум. Во неговиот настап тој се повика на „меката моќ“ на Европската Унија да ги мотивира земјите од Западен Балкан, но во исто време препорача дека „таа мотивација мора да постои и во самите земји“.
Од настапите на балканските лидери може да се издвои директното обраќање на албанскиот премиер Еди Рама кон бугарскиот претседател Румен Радев, од кого побара „Бугарија да не се однесува како Европејците“, Рама побара Бугарите „да бидат како Балканците и да ги отворат процесот на проширување“. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека е за проширување на ЕУ, но дека некои членки на Унијата се алергични на какво било споменување на тој процес.

По Бледскиот самит, останува нејасно кога процесот на проширување ќе тргне од мртвата точка, особено по одговорот на бугарскиот претседател дека се очекуваат нови отстапки од македонската страна. Очекувањата на балканските земји се сведени на минимум, за што говори и изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој јасно порача дека „ентузијазмот на граѓаните е сѐ помал во однос на пристапувањето на Европската Унија“. Вучиќ изрази и стравувања за процесот за проширување на ЕУ, по заминувањето на германската канцеларка Ангела Меркел, која важеше за силен лобист за побрзо европско интегрирање на регионот.

Таа на последното официјално патување во странство ќе присуствува на состанокот со лидерите од Западен Балкан во Тирана на 14 септември, во рамките на Берлинскиот процес, што беше инициран од Германија, заради поголемо економско интегрирање на шесте земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија, но со визија за исполнување на критериумите за членство во ЕУ.
Најважната компонента на т.н. „Агенда за поврзување“, на почетокот беше во областите за транспорт и енергија, а подоцна се прошири и на областите за размена на младите и на економската соработка. Поради Берлинскиот процес, владите од земјите од регионот воспоставија регионална инфраструктурна мрежа, со вклучување на Западен Балкан како дел од Трансевропската транспортна мрежа (ТЕН-Т). Исто така беа иницирани регионални поврзувања за енергетска соработка, регионална канцеларија за соработка на младите (РИКО), создавање регионална економска зона и потпишување Договор за транспортна заедница, пренесуваат српските медиуми.

Во наредниот период, како последица на кочењето на процесот на проширување на ЕУ, се очекува да бидат засилени меѓународните и регионалните контакти на претставниците на Албанија, Србија и на Македонија за спроведување на иницијативата „Отворен Балкан“.