Србија нема да го прифати предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп да ја признае државата Косово, а Белград ја отфрли и преговарачката платформа на Приштина, која како крајна цел на дијалогот, подразбира признавање на Косово, објавија српските медиуми.

– Белград нема да го прифати перфидниот предлог на Америка да го признае Косово, кој лицемерно во својата честитка до претседателот Александар Вучиќ за Денот на државноста го изложи неговиот колега од САД – објави „Вечерње новости“, повикувајќи се на неименувани извори.

Трамп во својата честитка до Вучиќ на 15 февруари, по повод Денот на државноста на Србија порача дека пред Приштина и Белград е „да постигнат договор што двете страни можат да го поддржат“.

– Сметаме дека меѓусебното признавање треба да биде централен елемент на трајната нормализација на односите. Таков историски договор, со заемно признавање, во суштина би го изградил патот кон целта за евроинтеграција на Србија и економски раст – предложи Трамп.

Српскиот претседател Александар Вучиќ за Блумберг изјави дека е време да се постигне договор, но дополни дека ќе биде исклучително тешко.

Во интервјуто за Блумберг, кое го пренесува Танјуг, Вучиќ истакна дека прво мора да бидат укинати таксите, а секој договор мора да содржи слободно движење на стока и луѓе.

Блумберг оценува дека откако Атина и Скопје го решија спорот за името, меѓународниот притисок се префрла кај Вучиќ, од кого се бара со косовскиот претседател Хашим Тачи да работи на постигнување договор.