– Почина другарот Тито – беа зборовите кои со растреперен глас ги соопштија телевизиските спикери на сите поранешни југословенски телевизии, фудбалскиот натпревар Хајдук-Црвена ѕвезда беше прекинат, а светските медиуми ја пренесоа сликата со расплаканите фудбалери на теренот и публиката на трибините која во еден глас ја пееше „Другар Тито ние ти се колнеме“.
Да, почина другарот Тито, но тогаш не беше јасно дека со него умре и Југославија. Тоа веројатно беше и последниот ден кога сите во поранешната држава беа Југословени.
Подоцна имаше многу теории за тоа како Тито ги минал последните денови. Многумина раскажуваа дека биле да го посетат, а се креираа легенди и за неговите претпоследни и последни зборови.
За српски „Недељник“ докторот Предраг Лалевиќ, дел од лекарскиот конзилиум што до последен момент беше покрај Тито, ја раскажа целата приказна за последните месеци на Јосип Броз.
Тој појаснува дека докторите знаеле дека ногата на Тито не е во добра состојба, дека била зафатена од гангрена и дека морале да извршат ампутација.
– Го повикавме американскиот доктор Мајкл Дебејки, најдобриот светски кардиохирург. Професорот Миро Кошак и јас бевме најодговорни и се договоривме да повикаме некои колеги. Миро ми рече: „Ајде да повикаме некого, да ја поделиме одговорноста“. Предложив да поканиме и некој Рус, бидејќи веќе имаше Американец. Го познавав докторот Марат Књазов, па го повикавме и него. Поразговаравме со обајцата. Дебејки веднаш ни рече дека ногата на Тито е загубена и препорача ампутација. Тито не сакаше да слушне за тоа. Кога му ја спомнавме можноста за ампутација, рече: „Долу одам само во еден дел“.
Но еден ден додека го преврзувавме, Тито виде во каква состојба е ногата и ни рече: „Правете што морате“. Кога ја подготвуваме ампутацијата, дојде целиот партиски и државен врв, а Стане Доланц ми рече: „Знаеме дека ситуацијата е тешка, знаеме дека може да умре пред да почне ампутацијата, но ви гарантирам дека не постои човек што ќе го впери прстот кон вас“, се сеќава докторот Лалевиќ.
Закрепнувањето тргнало добро, но подоцна ситуацијата се ископлицирала заради уринарна инфекција и инфекција на бубрезите. Тито бил приклучен на апарати од 26 февруари и бил без свест сė до смртта.
– Тоа не го напишавме во извештајот и тоа им даде шанса на многумина да раскажуваат како го посетувале Тито, како го забавувале, хранеле, разговарале. Целосни измислици. Ние не кажавме дека цело време беше без свест и на апарат за вештачко дишење. Имавме негово радио и негови касети и тоа постојано му го пуштавме. Сакаше, да кажеме, македонски песни. „Јовано, Јованке…“. Кога почина бевме собрани сите доктори и сестри што го негувавме. Стоевме мирно, во тишина, десет до 15 минути. ЕКГ-то веќе покажуваше рамна линија, респираторот и натаму работеше…Срцето дефинитивно престана да работи. Го погледнав професорот Брецељ, тој само ми кимна со главата и јас ги исклучив апаратите. Останавме уште пет до десет минути во целосна тишина и отидовме да пишуваме извештај. По смртта на Тито ми беа потребни шест месеци да закрепнам – се потсетува докторот Предраг Лалевиќ на последните моменти од животот на Јосип Броз Тито.