Брисел – Бугарите и Грците се најзадоволни меѓу Европејците од животот во услови на ограничувања поради пандемијата од новиот коронавирус, покажа истражувањето на граѓаните од 27 земји на Европската Унија за социоекономските последици од ковид-19 врз Европејците. Шеснаесет проценти од испитаниците велат дека се чувствуваат осамено во поголемиот дел од времето во последните недели откако се воведоа карантинот и рестриктивните мерки во повеќето земји. Пред кризата, само 6 проценти од испитаниците се чувствуваа постојано осамени. (Б92)

Атина – Грција ги отвора границите од 1 јули, а за време на летната сезона под посебни услови ќе се одвиваат воздушниот и водениот сообраќај. В понеделник во Грција почнува наставата за матурантите, а една недела подоцна за сите средношколци. Сѐ уште не се знае кога ќе се отворат основните училишта и градинките. („Фактор“)

Сараево – Во последните 25 часа на Универзитетскиот клинички центар во Република Српска починале шест пациенти кај кои е потврдено присуство на коронавирусот, со што продолжи неповолната серија од претходните денови. Во Босна и Херцеговина досега се регистрирани 2.056 пациенти со коронавирус, од нив 945 се оздравени, а бројот на починатите достигна 98. („Дневни аваз“)


Бисер балкански

Историски фетиш

– Во нашите плакари и архиви има голем број историски карти и мапи што нашата татковина ја прикажуваат многу поголема од тоа што е денес. Креденците на европските држави кријат слични содржини. Картите денес не се нималку актуелни. Не споделувајте ги на социјалните мрежи. Не се актуелни или остварливи, а бескрајно ги иритираат нашите соседи. Исто како што нас нѐ иритираат.

Секојпат нѐ зачудуваат овие историски карти, кои како мрачен фетиш излегуваат од страниците на некои „водачи“ во соседството. Тоа е провокација од оние што добро знаат дека картите и натаму ќе останат во плакарите. Учете од историјата и гледајте во иднината – изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој реагираше на објавата на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој на интернет сподели фотографија на која се исцртани границите на поранешна Унгарија, во кои се делови на соседните земји и Хрватска.