Љубљана – Словенија почна со доброволно масовно тестирање на коронавирусот во 13 града, а тоа ќе се реализира со брзи антигени тестови, кои сега се третираат еднакво како и ПЦР-тестовите. Тестовите се бесплатни. Антигените тестови покажуваат резултат за 15 минути, а за еден час може да се направат 30-40 теста. (СТА)

Тирана – Албанија ги заостри рестриктивните мерки за заштита од ковид-19 во пресрет на празниците поради ризикот што го носат собирите и зголемувањето на физичките контакти. Наместо од 22 часот, како досега, од 24 јануари полицискиот час ќе почнува во 20.30 часот, а ќе трае до шест часот наутро. Оваа мерка ќе важи до 4 јануари 2021 година. („Алсат“)

Подгорица – Околу 5.000 граѓани изјавиле дека добиле отказ во периодот од април до септември годинава, поради последиците од корона-кризата, покажува истражувањето за пазарот на трудот во Црна Гора. Во истиот период, 45.000 работници отсуствувале од работа. („Дневне новине“)


Бисер балкански

Етнонационална телевизија

Перманентната криза на јавниот радиотелевизиски систем на Босна и Херцеговина е метафоричка слика на колонијалниот уставен поредок на државите засновани на етнонационален концепт и системски генерирана криза, која непрекинато трае 25 години, од Дејтонскиот мировен договор. Надлежностите во секторот на комуникации во Дејтон на државата Босна и Херцеговина ѝ беа одземени и им беа доделени на ентитетските и кантоналните влади. Таква распределба на надлежности во постконфликтна, мултиетничка, етнонационална, мултиконфесионална држава доведе до хаотична состојба во печатените, РТВ и веб-медиумите. По војната беа регистрирани 46 телевизии, 148 радиостаници и 86 емитери на програми преку други електронски комуникациски мрежи. Вака фрагментиран систем на надлежности, етнонационален уставен поредок, конфесионален комунитаризам оживотворен низ непотизам и национални клучеви и недоверба меѓу главните, етнонационални, политички партии оневозможија создавање прогресивен и самоодржлив РТВ-систем и негова општествена трансформација во согласност со потребите на сите граѓани – коментира Зекеријах Смајиќ, дописник од Брисел, експерт за европска политика и за процесот на проширување на Европската Унија, за „Ал џезира“.