Фото: Фејсбук/Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден и неговите сојузници се соочуваат со нов принцип во одлучувањето колку далеку ќе одат САД во напорите за вооружување на Украина, додека Русија сигнализира оти би можела порешително да реагира за да го запре снабдувањето со оружје од САД и од НАТО.

Западот е загрижен во однос на тоа колку бргу Украина би можела да остане без муниција при засилување на борбите во регионот Донбас, каде што Русија се обидува да ги опколи украинските сили со цел да преземе контрола врз подрачјето, како што проценуваат воените аналитичари.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски, пак, се обидува да го засили притисокот врз Западот за добивање на поголема поддршка, претставувајќи ја следната битка како критична точка во конфликтот. Украинскиот претседател во неодамнешно интервју беше запрашан дали е задоволен со најавената воена помош од САД во вредност од 800 милиони долари.

– Никогаш нема да биде доволно помош. Доволно не е можно. Се води отворена војна и потребно ни е многу повеќе од тоа што го имаме сега. Немаме техничка предност врз непријателот. Ние сме на исто ниво. Во однос на потврдената помош на Бајден од 800 милиони долари, најважна е брзината на испорака – кажа Зеленски, објаснувајќи ги предизвиците во источниот дел од Украина. Зеленски и украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба истакнаа дека судбината на Мариупол претставува критична точка во војната.

Еден од најголемите предизвици за администрацијата на Бајден е досегашното проценување на „црвените линии“ на Путин и како да продолжи да и помага на Украина без да го испровоцира рускиот претседател на поширока војна, потенцијално доведувајќи ги во ризик и трупите на НАТО, заклучува „Си-ен-ен“.