Претседателот на Соединетите Американски Држави Џоз Бајден изјави денеска дека САД се подготвени за сите потези на Северна Кореја, пренесува Си-Ен-Ен.
– Подготвени сме на сè што прави Северна Кореја. Размислувавме како ќе одговориме на сè што ќе направат. И затоа не сум загрижен-изјави Бајден во пресрет на неговата посета на американската воена база во Јужна Кореја, каде се стационирани околу 30.000 американски војници.
Бајден го посети центарот за заеднички воздушни операции, каде јужнокорејските и американските војници го надгледуваат воздушниот простор, додека Северна Кореја во последно време почесто тестира ракетно оружје. За разлика од претходните американски претседатели, тој за време на неговата посета не ја посети демилитаризираната зона меѓу Северна и Јужна Кореја.
Претходно во текот на денот американскиот претседател разговараше со Чунг Јуисун, претседател на јужнокорејската автомобилска компанија Хјундаи, за нови инвестиции од 11 милијарди долари (10,4 милијарди евра).
Тие вклучуваат 5,5 милијарди долари (5,2 милијарди евра) за отворање на фабрика за електрични возила во американската држава Џорџија.
Една од главните цели на посетата на Бајден на Азија оваа недела беше да се потврди сојузот со Јужна Кореја и Јапонија, како и да се најдат начини за проширување на соработката. По вчерашната средба, Бајден и претседателот на Јужна Кореја, Јун Сук Јол, во заедничка изјава изразија отвореност за проширување на опсегот на заедничките воени вежби. Американскиот претседател најави дека двете земји покажале „подготвеност заедно да се соочат со сите закани“.