Фото: Фејсбук/Џо Бајден

Претседателот на САД, Џо Бајден презеде „лош потег“ кон Велика Британија со тоа што го блокираше Бен Валас да се кандидира за генерален секретар на НАТО, изјавија денеска неименувани извори од британската Влада.

Британскиот министер за одбрана беше фаворит на голем број земји-членки за наследник на актуелниот генерален секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Британски владини извори сугерираат дека сега постојат стравувања дека „посебните односи“ помеѓу Велика Британија и САД може да се влошат.

– Ние треба да бидеме нивен најблизок сојузник. И ова е она што го добиваме – изјави неименуван претставник на британската влада.

Најверојатно од поранешниот норвешки премиер Столтенберг ќе биде побарано да го одложи своето пензионирање за 12 месеци, што првично беше предвидено за крајот на годината.

Според Телеграф, фаворит за Бајден била премиерката на Данска, Мете Фредериксен, социјалистичкиот премиер на Данска, која доби поддршка и од Франција и Германија. Весникот наведува и дека Бајден го сменил мислењето откако таа не успеала да го импресионира за време на посетата на Вашингтон овој месец.