Во својот годишен извештај за смртната казна, невладината организација „Амнести интернешнал“ објави дека речиси 900 луѓе лани биле егзекутирани во 20 земји во светот, што е најголема бројка од 2017 година досега. Од светската организација фокусирана на заштита на човековите права забележуваат дека некои земји се зафатени од „смртоносна хистерија“.
-Бројот на публикувани егзекуции во 2022 година е најголем во однос на изминативе пет години, а рекордот главно се должи на земјите од Блискиот Исток и Северна Африка – посочува Амнести интернешнал.
Организацијата за човекови права објави за 883 егзекуции во 20 земји лани, што е за 53 отсто повеќе во споредба со 2021 година.
Според Амнести интернешнал, бројот на егзекуции во Иран во 2021 година изнесувал 314, а минатата година дури 576. Во Саудиска Арабија лани биле извршени трипати повеќе егзекуции – 196 – во споредба со 2021 година, додека, според извештајот, египетските власти во текот на минатата година погубиле 24 лица.
Амнести интернешнал забележува дека реалниот број на егзекутирани лица може да биде и поголем, бидејќи некои од државите што применуваат смртна казна не објавуваат податоци поврзани со тоа.