Фото: Принтскрин

Американската армија го евакуираше персоналот на американската амбасада од Картум, изјави претседателот Џозеф Бајден, додавајќи дека Вашингтон ги прекинува операциите во своето претставништво во Судан бидејќи продолжуваат борбите меѓу ривалските команданти.

– Ова трагично насилство во Судан веќе ги чини животите на стотици невини цивили. Тоа е несовесно и мора да престане – рече Бајден во изјавата.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен објави дека сите вработени во амбасадата и нивните семејства се безбедно евакуирани и дека САД ќе продолжат да им помагаат на Американците во Судан да ја испланираат сопствената безбедност.

Персоналот на американската амбасада и мал број дипломатски персонал од други земји беа евакуирани во операција во која беа вклучени помалку од 100 луѓе. Нешто повеќе од 100 американски војници за специјални операции беа вклучени во евакуацијата, влезот и излезот од Судан. Завојуваните судански фракции на теренот не пукале кон нив, изјавија американски воени претставници.

Други странски државјани вчера почнаа да се евакуираат од пристаништето на Црвеното Море во Судан. Јапонската станица ТБС објави дека членовите на персоналот на ОН, вклучително и јапонски државјани и нивните семејства, денеска ќе бидат евакуирани од земјата.

И Франција спроведува итна евакуација на својот дипломатски персонал и граѓани од Судан, соопшти денеска француското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението се наведува дека се згрижени и другите европски граѓани и оние кои доаѓаат од „сојузничките земји-партнери“, пренесува порталот БФМ ТВ.

Според дипломатски извори, суданските паравоени сили за брза поддршка (РСФ), против кои се бори редовната армија на Судан, обезбедиле безбедносни гаранции со што ја овозможиле операцијата за евакуација на околу 250 француски државјани кои живеат и работат во Судан.