Фото: defense.gov

Американската влада ги повика американските граѓани веднаш да ја напуштат Белорусија.
Предупредување за патување беше издадено откако соседните земји Литванија, Латвија и Полска испратија зголемени воени сили долж границата поради загриженост за можни активности на платениците на Вагнер.
Стејт департментот ја одреди Белорусија како ниво на ризик 4, што е највисоко безбедносно предупредување.
Белорускиот лидер Александар Лукашенко е под американски санкции за кршење на човековите права и политичка репресија по изборите во 2020 година. Приемот на Лукашенко на силите на Вагнер, со што ставија крај на нивниот краткотраен бунт против Кремљ, предизвика загриженост кај земјите-членки на НАТО кои граничат со Белорусија.

-Не патувајте во Белорусија поради континуираната помош на белоруските власти на Русија во нејзиниот напад врз Украина, зголемувањето на руските воени сили во Белорусија, слабото спроведување на законот, потенцијалните граѓански немири, ризикот од затворање и ограничената помош за граѓани кои живеат или патуваат во Белорусија – се наведува во предупредувањето на Стејт департментот.

Литванија затвори два од шесте гранични премини со Белорусија минатата недела. Стејт департментот известува дека полската, литванската и латвиската влада предупредија дека е можно дополнително затворање на граничните премини со Белорусија. Полска има отворен уште еден граничен премин со Белорусија, додека Латвија има два отворени премини. И Полска и Латвија го зголемија бројот на воени сили на нивните граници со Белорусија.