Фото: Фејсбук/Џо Бајден

Како што војната во Украина влегува во осмиот месец, Американците губат трпение за пристапот на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за судирот, како што покажуваат резултатите на анкетата на институтот „Квинси“, пренесува „Њузвик“.

Според истражувањето на институтот „Квинси“, 57 отсто од испитаниците изразиле силна поддршка за американски дипломатски напори, дури и по цена на компромис помеѓу Украина и Русија. А 32 отсто се противат на таквата идеја.

Околу 49 отсто сметаат дека Конгресот и администрацијата на Бајден треба да сторат повеќе на дипломатски план за да помогнат за ставање крај на војната. Но, Вашингтон во голема мера ја отфрли можноста за вклучување во преговорите и се држи до пружање на воена помош за Украина, наведува „Њузвик“.

– Увидовме силна јавна поддршка за идејата за спојување на помошта за Украина со дипломатските напори или преговори. Во Вашингтон, за радикално гледиште би било сметано и самото кажување дека воопшто би требале да разговараме со Русија. Вашингтон моментно е потполно фокусиран на воената стратегија. Не разговараме со Русија и не бараме договор. Се чини дека потполно сме фокусирани на бојното поле – вели Маркус Стенли, директор на институтот што ја спроведе анкетата.

Администрацијата на Бајден во средата најави дополнителна помош од 1,1 милијарди долари за Украина, со што САД веќе испратија помош од преку 16 милијарди долари од почетокот на војната на 24 февруари. Украина сега е најголем примател на американска воена помош во изминатиот век. Два дена подоцна Конгресот одобри дополнителен пакет од 12,3 милијарди долари за Украина, откако претходно одобри околу 54 милиони долари во претходните два пакета.

Институтот „Квинси“ ги советуваше политичарите дека би било мудро да го разгледаат и апетитот на американскиот народ за дипломатија, особено додека Американците чувствуваат економски последици од војната.

Анкетата покажа дека шест од 10 Американци кажале дека војната во Украина ги погодила на финанскиски план. Речиси 60 отсто од испитаниците истакнале дека се противат на дополнителна воена помош за Украина, ако војната резултира со повисоки цени во САД.