Полскиот амбасадор во Франција со воинствена изјава:

Јан Емерик Рошцишевски, полскиот амбасадор во Франција, даде неочекувана изјава во интервју за француската телевизија ЛЦИ, дека би можело да дојде до ситуација во која Полска би морала да се вклучи во војната.
– Значи, или Украина ќе ја одбрани својата независност или ќе мораме да влеземе во овој конфликт. Затоа нашите главни вредности, кои се темел на нашата цивилизација и нашата култура, ќе бидат загрозени. Затоа нема да имаме избор освен да влеземе во конфликтот – рече амбасадорот.
На ваквата шокантна изјава веднаш реагираше Амбасадата на Полска во Франција, која издаде соопштение во кое се наведува дека некои медиуми зборовите на амбасадорот ги протолкувале „надвор од контекстот“.
„За време на триесетминутниот разговор со уредникот, амбасадорот Рошцишевски зборуваше за потребата сојузниците да ја поддржат Украина. Исто така, зборуваше за заканата што Русија ја претставува за Европа и европските вредности.
Со внимателно слушање на целиот разговор, станува јасно дека нема најава за директно вклучување на Полска во конфликтот, само предупредување на последиците што украинскиот пораз би можел да ги има: можност од руски напад или вмешување на повеќе европски земји – балтичките држави и Полска“, се наведува во соопштението.
Амбасадата истакна дека Рошцишевски во своето интервју за ЛЦИ јасно дава до знаење дека Полска во моментов не е во војна, но „прави сè што може за да ѝ помогне на Украина и да се заштити“ во војната.